Занимливости и информации Уметност Филм

„Врба“ номиниран за најдобар филм, а Манчевски за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон

„Врба“ е номиниран за најдобар меѓународен филм, а Милчо Манчевски за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот. Оскаровецот Џереми Ајронс го предводи жирито кое ќе ги додели престижните награди во 8 категории. Во секоја се номинирани по 3 филма, а „Врба“ доби номинации во 2 категории.

На Рејнденс (од 28 октомври до 7 ноември) ќе биде и британската премиера на „Врба“, чиј продуцент е и легендарниот британски продуцент и основач на „Вирџин рекордс“ Ник Пауел. Во соопштението за годинешната програма, организаторот на фестивалот го издвојува „Врба“ како еден од хитовите, а ќе игра во селекцијата Женски поглед.

28-то издание на Рејнденс, поради пандемијата на ковид-19, ќе се одржи во хибридна форма, и онлајн и во живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери. На 28 октомври ќе има гала отворање со „Стардаст“ на Габриел Рејнџ за Дејвид Боуви и периодот кога тој го создаде Зиги Стардаст, еден од највлијателните и најславни негови ликови. Победата во конкуренцијата за краток филм на Рејнденс исто така носи и квалификација за Оскар и за наградите БАФТА.

„Врба“, шестиот филм на Манчевски, имаше светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври лани и доби исклучително позитивни критики. По македонската премиера, играше во кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока, Сараево и Пекинг.

Минатиот месец, најпознатото филмско списание на светот „Варајати“ објави извонредна рецензија за „Врба“ насловена „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, во која меѓу другото се вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Извор

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје