Преку ноќ се смени хармонијата во која живеевме, од пристојна фамилија станавме главна мета на озборување во градот. Нашите близнаци, Дарио и Марио заминаа во главниот град да студираат Електро – технички факултет, а ние со сопругот бевме горди на нив. И двајцата израснаа во пристојни момчиња. Дарио имаше радознала природа со мала доза на неодлучност, а Марио од малечок знаеше што сака, не сакаше да биде син на мама и тато, туку само свој.
Првите две години работите одеа на добро, но светот ни се сруши кога Марио ни ја кажа лошата вест. Дарио го притвориле за поседување на дога и слични опијати…Тоа беше шок за мене и сопругот, никогаш претходно дури и во тинејџерските години немавме проблем со нив, беа деца за пример. Марио ни се довери дека последната година фатил многу лошо друштво, тој постојано го опоменувал навреме да се оттргне, но безуспешно. Откако успеавме да го извлечеме некако од притвор, се врати дома на рехабилитација за повторно да биде истото момче.
Но, ништо повеќе не беше исто, не можевме деноноќно да бдееме над него и да го следиме секој негов чекор. Од насмеан и културен, наеднаш се претвори во зајадлив и човек со многу низок степен на толеранција. Со денови одбиваше да јаде, а погледот му луташе. Постојано наоѓаше замерки, се караше и кога не земаше дрога кршеше сè што му дојде при рака. Со надеж го пративме на психолог, но уште истиот ден направил хаос и со погрдни зборови го навредил. Психологот ни кажа дека треба да го сместиме во институција за зависници од дрога, а ние мислевме дека со разговор ќе го излечиме Дарио. Следните месеци следуваше влошување на неговата ситуација, тоа беа месеци кога мислев дека пеколот се вдоми во нашата, некогаш среќна куќа. Најлошо беше кога неговиот брат доаѓаше и са обидуваше да разговара со него, уште кога ќе го види се будеа неговите најлоши демони:
– Те мразам! Тебе секогаш повеќе те сакаа. Ти им беше омилениот син, а јас сум едно големо НИШТО.
Знам дека не е свесен што зборува, всушност не зборуваше тој, туку проклетата дрога која загосподари со неговото тело. Двајцата браќа отсекогаш се сакаа и поддржуваа.
Не бевме богати луѓе, но во минатото бевме почитувани од пријателите и комшиите, во нашата куќа секогаш беа добродојдени сите. Наеднаш сите ги вртеа главите и не сакаа ниту да се поздрават со нас. Бегаа од нас како да имаме заразна болест. По една година живот полн со непријатности и расправии со синот, сопругот немаше сили да се бори со проблемите. Го најдов обесен во дневната соба.
Знаев дека животот не е секогаш розов, но, мислев дека лоши работи се случуваат некаде далеку од нас. За жал животот ја потврди својата непревидливост, сопругот почина и ме остави сама да се носам со натежнатите проблеми. Луѓето на големо зборуваа, дека како професорка во Математика сопствените деца не сум ги научила на основна култура, и нема шанса нивните да ги учам. Се изнаслушав на секакви навреди, а згора на сè беа проблеми што ми ја параа душата. Наеднаш се скршив и не сакав да продолжам да се борам. Почнав да го мразам сопругот што ме остави кога најпотребен ми беше, го мразев општеството, Бог, а најмногу се мразев самата себе.
Тогаш, Марио ми кажа неколку освестувачки зборови:
– Браво за тебе мамо, што убаво седиш и се самосожалуваш! Проблемите сами од себе нема да се решат? Сакаш ли покрај татко ми и Дарио да го оплакуваш? Во животот има подеми и падови, ако не сториме ништо во најкраток рок, и брат ми ќе го загубиме.
Како со стрела погодена ме доболеа и освестија неговите зборови. Одлучивме да го испратиме на лекување во Хрватска, во Комуни каде се лекуваат зависници од дрога.
Веќе две години е таму, ние немаме никаква комуникација со него. Уште на почетокот ни кажаа дека ќе живее во заедница на луѓе со слични проблеми на неговите, и можеби неколку години воопшто нема да се видиме. Без размислување се согласив, бев спремна на сè само да го спасам синот од најлошото. Редовно ми се јавуваат да ми кажат за состојбата во која се наоѓа. На почетокот велеа дека тешко се прилагодува на новите услови, но тоа било нормално кај зависниците.
Последниот месец се израдував, ми кажаа дека е многу подобар и работи во нивата што сами ја обработуваат сите зависници. Не настојувам по секоја цена да го видам, иако копнеам по него. Тој е крв на мојата крв, го сакам и покрај сите проблеми што на себе и фамилијата ни ја направи. Не ја изгубив надежта дека за една, или две години ќе ми се врати Дарио, но оној Дарио пред да започне животот да си го уништува. Не можам да бидам сигурна дека и по повеќе годишно лекување нема повторно да посегне по дрога, само знам дека нема да престанам да се надевам.
Успеав и јас да се смирам, се обидувам во малите нешта да ја најдам убавината на живеењето. Понекогаш се прашувам како две деца воспитувани од исти родители можат да фатат сосема спротивни страни? Колку и да се прашувам, никогаш нема да го најдам одговорот. Можеби Дарио ја немаше силата и оддлучноста на Марио и не можејки да се снајде во новата средина, падна во канџите на дрогата….Можеби ова, можеби она. Нема повеќе очај и бес во моето срце, знам дека не можам да го променем минатото, живеам во сегашноста а се надевам на подобра иднина. Пред неколку месеци Марио дипломира и се вработи во успешна фирма и таа вест најмногу ме израдува. Некако сè во животот почна да ми мириса на среќа. Веќе ја чуствувам…
Силвана Панева
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.