Во нашето маало, пред својата куќа, удобно се сместил во фотеља човек, на возраст повеќе од деведесет и пет години, скоро еден век. Замислен и загледан во далечина, како да размислуваше за денешново време или невреме.
Го поздравив и пријдов кон него. Ни беше постара рода по мојот сакан дедо, а сега покоен, за жал.
Тивко го прашав: „Како си дедо Миле?“ Ме погледна со своите ситни и нажалени очи, на неговото остарено и збрчкано лице. Видот се намалил и слухот го напуштил. Дедо Миле ми рече: „Викај посилно чедо, со годините, каде не гледам, пак и не слушам“. Го сфатив дедо Миле и почнав да викам посилно, за да се разбереме.
Видно желен за разговор возрасниот дедо Миле продолжи: „Излегов на сонце да се стоплам, надвор е топло, дома е ладно. Со годините ќе да е, рече тој. Бог ми дал долг живот мене, а сопругата одамна ми замина на оној свет.
Имам свои, кои често ме посетуваат и многу ми помагаат. Одаат чедо на работа секојдневно, со обврски се сите, а денес се живее многу динамичен живот, сепак најдуваат време и за моја посета.
Порано можев многу повеќе да подработувам било што. Но сега како се множат годините, силата ме напушта. Преку денот поседувам повеќе надвор кога на сонце, кога под сенка“, раскажуваше дедо Миле. „Навечер гледам телевизија, слушам вести, ги следам секојдневно случувањата во нашата држава и така денот ми одминал“.
Чедо вели дедо Миле: „Денешниов живот не ме бендисува во споредба со животот во минатото. Сè е изменето, измешано во ова време или невреме, како да го наречам!“.
Внимателно го слушав и нешто го потпрашував, а тој продолжуваше да кажува долги интересни случки од пред седумдесет, осумдесет години од неговото минато. Размислував сама и се восхитував за неговото памтење и здрав разум, на сè се сеќаваше и интересно раскажуваше. „ Животот некогаш беше повесел, како за стари, така и за млади. Луѓе среќни, весели, расположени, со обврски околу земјоделски работи во поле и градина, други со обврски на државна служба, трети обврски со свадби и првичиња, на своите израснати чеда, музика, организација за приготвување на супа и јавнија во казани, арании, приготвено за преку стотина души, да бидат пречекани на самиот ден, со многу старски обичаи за младите“.
– Во денешно време чедо, вели дедо Миле од тие обичаи многу нешта се отфрлени. Денешново време или невреме е многу тешко, како за млади, исто така и за стари. Изретчени луѓе по улици и тие што излегле ставиле маски преку уста и нос, се гушат по жештиниве, со наочари кој за мода, кој за намален вид, скоро не се познаваат едни со други. Поздравувањето им е со бокс или пак со лакти, чудно време или невреме, чедо вели дедо Миле.
На телевизија разни трогателни вести со небиднината на нашата држава Македонија, за која се дадени многу млади животи од наши борци македонци во времето. Страв да им е на луѓево да слушаат, закани, тепачки, колку заразени, починати од Корона вирусот. А мал број на оздравени, ограбени банки, банки во стечај, запалени пошти, отпуштени работници, штрјкуваат по улици, а дома дечиња мали чекаат лепче и млекце, татко и мајка да донесат.
Пред банките долги колони на помлади, повозрасни и пензионери наредени по ред, на жешкото сонце, да подигнат некој денар од своите заработени средства и остварени пензии. Други пак од страв си ги подигаат своите заштеди, бидејќи слушаат како пропаѓаат нивните заштеди, кои со години ги штеделе и сега да ги изгубат. Чекајќи кутрите луѓе, некои од болест, некои од мака паѓаат во несвест, чекајќи долго време на жештината.
Страшно, страшно е чедо да се слуша. Од ден на ден сè полошо и полошо за сиромашкиот македонски народ, исплашено раскажува дедо Миле, но тоа е, што ќе биде понатаму ќе видете вие помладите.
Жалосно и за децава не одат на училиште, кога ќе почнат и како ќе учат и дали нешто ќе научат, се прашувам чедо, вели дедо Миле. Јас се сеќавам во минатото, кога ќе дојдеше први септември, колку сме се радувале како деца. Сме започнувале со голема насмевка и радост на првиот школски час.
Тој бил најсвечен ден посебно за првачињата. Џагор и врева по улици, од весели деца, фатени за рака со своите родители одат среќни и весели во школо. Сега, штама насекаде, улиците се празни и тажни, нема врева нема ученици во училиштата, жална слика, сè како да замрело.
Дали Коронавирусот е причина за сето ова, да се одземе слободата на сите и да биде најблиска на смртта. Знаеме сите дека образованието е најсилно оружје на една земја. Компјутерите неможат да ги заменат наставниците, вели дедо Миле. Контактот дете наставник, очи во очи, е најдоброто нешто за секое дете, да учи и научи, кога се гледаат и контактираат лично. Слушам вести и дека во некои земји не престанаа да учат децата и ден денес, а зошто тоа вака се случува, обратно во нашата Македонија. Само еден Господ знае што ли е ова време или невреме, со надеж за освестување наскоро на сите нас.
Време е да ги фрлиме маските што нè гушат и да се тргне стравот од нашите души, да профункционираме и живееме како претходно. Секој со секого да се поздрави и силно стисне рака со рака. А не поздрав со тупаници или пак лакто со лакто, чудно но вистинито. Време е да се освестиме и да се сакаме со своите најблиски, да се ослободиме од ова зло кое нè нападна, во ова време или невреме.
Благица Бунтеска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.