Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Под сенките на костенот стар – Софија Петковска

Повиј ме во свилена мистичност,
изгради ми замок од кожурец,
во него заштити ме,
пеперутка со боја на виножито да се сторам,
та на дланките да ти застанам,
радост да ти бидам,
очите од убавини да ти ги опијам.

Со миро моите нозе помазај ги,
благослови ме со твојата љубов,
и дај ми време да почнам да сјаам,
ко сонце утринско,
дај му време на времето,
па така просветлена исправено да застанам пред тебе,
со рацеве да те свијам во моето крило
и на уво тивко да ти шепотам:
љубов си ми,
најголема.

Одведи ме под сенките на стариот костен,
длабоко во шумата,
да ја раскажеме нашата љубовна приказна,
издлаби ја неговата кора,
нацртај срце,
а во него нашите имиња,
нека растат заедно со костенот,
остави трага во вечноста.

Со насмевка и сладок бакнеж
со мене раздели се,
кон својот дом поитај,
а в мисли мојот лик да ти е.
А јас….
Јас ќе останам под сенките на стариот
костен и ќе напишам песна за тебе.
Лесно во моите стихови ќе те внесам,
исто како кога в градината си влегуваш цвеќе да набереш,
а од љубовта кон тебе,
крилја бели,
ангелски ќе добијам,
та секој стих ќе мириса на љубов.

Софија Петковска (Поезија на Софија)

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје