Литература Литературна критика (рецензии)

Краток осврт за „Невеста од соништата“ од Александар Николовски

Почетокот на настаните во овој трилер со доза на мистерија, драма и романса се поврзани со невестински фустан и салон за венчаници. Убиената девојка пронајдена таму ќе им отвори работа на инспекторот кој треба да си оди во пензија и неговиот помлад колега.

Згаснатиот живот на младата девојка која единствено ја има само нејзината полусестра Наталија ќе ѝ ги отвори портите на пеколот токму нејзе. Шокирана од ударната вест за смртта, ќе ја следат уште неколку животно загрoзувачки закани. Покрај неа е нејзиниот свршеник кој ѝ помага полесно да ги преброди тешките денови.

Во „Невеста од соништата“ не се работи за свадбена прослава. Ни за зет и невеста и нивната голема љубов, и крај на приказната со “си живееја среќно до крајот на животот“ како во бајка. Низ страниците се случува напната психолошка игра помеѓу главниот лик и главниот негативец нејзината мајка. Читателот со емпатизирање кон протагонистот се движи низ страниците ни најмалку насетувајќи што ќе се случи следно. Авторот, како и во претходните два трилери вешто си поигрува со нашата моќ за предвидување, но и умешно ја скокотка љубопитноста.

Главно прашање

„До кои граници може да оди еден човек за да го постигне посакуваното, но и да се одмазди?“ е главното прашање што може да се извлече од содржината.

Прикажани се лошите односи во едно семејство, негативната врска помеѓу мајка-ќерка, нетрпеливост, неслога меѓу снаа и свекор. Всушност сите можни варијации што ги доживува семејство во кое имало неверство, каде што се криеле тајни, и не постои заемно разбирање и слога.

Она што особено сакам да го истакнам е главниот момент кој ме натера да го вреднувам повисоко овој роман, а тоа е ставање акцент на детскиот булинг. Односно врсничкото малтретирање во рана возраст. Какви последици може да има таквото однесување врз поединецот особено врз млада особа е претставено преку една крајност на континуумот меѓу негативностите. За каква крајност се работи, ќе треба да го прочитате ова книжевно дело за да дознаете.

Шокот, изненаденоста и пресвртот во епилогот се нераздвоен сегмент од ова дела. Но и главни двигатели во играта со читателските емоции. Зачинето со психопатски однесувања на ликовите, сите манифестираат таква лабилност на свој начин. Нивните психолошки профили се совршено извајани за улогите што им ги доделил авторот. За секој од нив важи она “ништо не е како што изгледа на прв поглед“.

Крајот не смеете да го прочитате предвреме, за да не ви се уништи целокупниот впечаток. Моја препорака за секој што сака да прочита квалитетно дело од домашен автор.

5/5

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје