Вашиот глас Литература Расказ

Нов почеток – Силвана Панева

По којзнае кој пат во изминатите години Соња читаше на интернет за аферите на нејзиниот маж. Упорно се обидуваше да го скрене вниманието со дупло помлади девојки од него. Соња, ја гледаше неговата нова девојка и прмомори во себе “овојпат навистина претерал. Кутро девојче, нема повеќе од дваесет години”. Потоа, го исклучи телефонот и седна на пијаното. Додека ја свиреше омилената нумера размислуваше дека е крајно време да му стави  крај на разнишаниот брак и да почне сосема нов живот.

Повеќе од шест години ниту го сакаше, ниту го мразеше човекот со кој пред шеснаесет години се заколнаа на вечна љубов. Рамнодушно гледаше на неговите смешни обиди по секоја цена да ја задржи некогашната популарност.

Пред близу дваесет години, тој случајно стана нејзин учител по балет. Соња живееше во дом за сираци и една учителка уште од мали нозе примети дека има талент за играње балет. На седумнаесет години веќе совршено ги знаеше сите техники и движења, а новиот учител ѝ ветуваше дека од неа ќе направи позната Примабалерина. Балетот беше и остана нејзина најголема љубов, со многу: труд, пот и солзи за неколку години го постигна тоа по кое мечтаеше.

На огромниот подиум пред неколку илјади луѓе, ја одигра главната улога во познатиот балет “Лебедово езеро”. Тој ден засекогаш ѝ остана врежан во сеќавањата, една минута се поклонуваше пред публиката и не слушна аплауз. Единствено го слушаше своето срце како забрзано чука и помисли ” не им се допадна мојот настап, затоа во салата е штама”. Во следниот миг следуваа аплаузи и стоечки овации од целата публика, со воодушевување го споменуваа нејзиното име и велеа “Ѕвездата е родена”.

Набрзо, учителот ја побара за жена, и таа прифати без размислување. Не ѝ пречеше што е доста постар од неа, што има пропаднат брак и две деца. Во него најде човек кој ќе се грижи за неа и ќе ја направи вистинска ѕвезда. Следните десет години навистина живееше како во облаци, патувањата беа нивно секојдневие, секаде одлично ја прифаќаа и најмногу се радуваше што омиленото хоби ѝ стана професија. Почуствува дека треба да успорат малку со настапите, да се одмори и да стане мајка. Не наиде на разбирање од нејзиниот маж, тој со милни зборови ја убедуваше:

– Вие балерините имате краток работен стаж мила, ако родиш дете телото ќе ти се деформира и неколку години ќе паузираш. Издржи уште неколку години, потоа ќе имаме три деца. Ти ветувам!

Слепо  му веруваше и продолжи да настапува, за финансиите како и секогаш  се грижеше тој.

На една проба од премореност падна и ја скрши ногата. На патот до болницата саканиот не ја праша дали има болки, туку револтирано извика:

– Што направи сега? Од невнимание го уништи големиот настап во Санкт Петерсбург! Знаеш ли колку пари загубивме?

Во меѓувреме се онесвести од болка, а кога се разбуди човекот кој велеше дека неизмерно ја сака, го немаше да ја утеши. Неколку денови ја задржаа во болницата, не дојде ниту еднаш, освен  кога требаше да си замине дома. На пат кон дома едвај прозборија неколку зборови, тогаш, за првпат се посомнева во неговата љубов. Секогаш љубезниот и внимателен маж, од кој го добиваше најубавиот букет на цвеќиња по настапите, сега беше бесен и намргоден. Не заборави да ја потсети  дека ја зел од дом за сираци, од неа направил ЅВЕЗДА, а таа, го уништила неговиот долгогодишен труд. Немаше сочуство за болките и траумите што ги претрпе Соња, за него најважно е што “кокошката која неси златни јајца “, не може да настапува.

Со месеци траеше закрепнувањето, а, тој, во меѓувреме трагаше по нови и надежни балерини. Но, еве шест години поминаа и не успеа да најде достојна замена за Соња. Начинот на кој се пренесува знаење е многу важен, но на сцената сепак главна и неприкосновена е балерината, која претходно вложила натчовечки напори и знаење. Можеби, не наишол на слична на Соња, која иако го имаше талентот постојано вежбаше за секогаш да го даде најдобриот дел од себе. Пред сегашните ученички веројатно се трудеше  да ја докаже својата потентност и став на вечен “Дон Жуан “.

Свирењето на Соња го прекина телефонот, од другата страна познат пријателски глас ја поздрави срдечно. Нејзината стара учителка, таа што ја откри,  ѝ кажа дека ќе оди во пензија. Школата што ја има сакала токму таа да ја води, единствено во неа имала доверба. Многу пријатно се изненади, ѝ се заблагодари од срце и веднаш ја прифати понудата.

Неколку години не настапувала на сцена, знаеше дека кариерата на балерина веќе е завршена. Никогаш не собра сила повторно да заигра, бидејки во срцето ѝ се вгнезди страв од кој не можеше да се отргне. Се плашеше дека повторно ќе се повреди. Бракот, по повредата на ногата почна да се распаѓа и долго време не знаеше што да прави со себе? Оддамна размислуваше да замине, но тој ја заплашуваше ако замине ќе остане без дом. Таа траума ја носеше од детството, ги загубила родителите и останала без дом, сега се плашеше дека повторно ќе го изгуби.

Смирено ги извади куферите и почна да се пакува. Таа прекрасна жена ѝ се јави токму во вистинскиот момент, веќе се замислуваше како ги подучува младите балерини и се радува на нивните успеси. Ќе се иссели од куќата и ќе се разведе од човекот што ја искористи, но, колку и да беше лута не можеше да се амнестира од сопствената одговорност. Доброволно дозволи тој да управува со нејзиниот живот, а последните години наседна на неговите заплашувања и уцени…..На крајот на краиштата и да не добие ниту грош од бракоразводната парница, барем ќе живее мирен и спокоен живот.

Доволно години потроши залудно, а иташе кон четиресетата година од животот. Можеби, не е сè изгубено и повторно ќе изгради нов дом? Можеби повторно ќе се заљуби, и ќе се оствари како мајка? Ако продолжи да го чува домот каде не е среќна, никогаш нема да дознае што ѝ носи иднината.

Ги намести куферите во автомобилот и се упати кон новата животна врвица. Не знаеше што ја чека на новиот пат и тоа не ја плашеше повеќе. Беше здрава, работоспособна и доволно млада. За нов почеток тоа е повеќе од доволно.

Силвана Панева

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје