Skip to content

Есенски чувства, размисли и белешки од мојот дневник

Првичниот наслов за следниов текст беше „Што буди есента во мене?“. Откако го препрочитав го доби финалниот, што нема да личи на наслов од состав за писмена работа во школо.

Отсекогаш сум ја сакала есента. Дали дека ноември е мојот месец на доаѓање на свет, дали поради нешто друго, ќе се обидам да раскажам. Есента ми носи спротивставени чувства, но и покрај тоа ја сакам. Еднаш носталгијата е на тронот и сака да го разбуди депресивецот во мене, а потоа се вљубувам во животот и сè во него. Почести се деновите кога сакам сè околу мене и ми се чини дека “ова е моето време“.

Поточно доба кога можам да постигнам сè што ќе наумам бидејќи во тек се месеците октомври и ноември. Ме тераат на продуктивност, на “зграпчување прилики“ и ме потсетуваат дека “еднаш се живее, зошто да не се ризикува некогаш?“ Водена од овие помисли, не се плашам од промени, ниту пак од сè што ќе следува.

Верувам во мојот внатрешен глас кој знае да ме охрабри баш кога најмалку се надевам. Во тие моменти сум подготвена да направам сè на кое “другата јас“ никогаш не би се осмелила. Не дека останатите месеци не се чувствувам “поттикнато“, но есента буди кај мене некоја поголема смелост. Сè што задремало во мене претходниот период како да се буди заедно со танцот на лисјата.

Како што лисјата ги прават нивните златни теписи по земјата, јас правам река од зборови во моите бележници. Дел од тие реки оставам да протечат и во онлјан просторот во нашата заедница. Зошто да не споделиме едни со други некои внатрешни емоции или измислени светови?

Овој текст за есента ме потсетува на сите состави што ги пишувавме на почетокот на секоја учебна година во основно школо. Секогаш ме нервираше помислата дека треба повторно да пишуваме на истата тема како и претходната година. Исто како што ме нервираа писмените работи што гласеа: „Како го поминав мојот летен/зимски распуст?“ Уште како дете сакав да пишувам за апстрактни теми, па често знаев да внесувам такви елементи во секој мој состав.

Есента како тема за пишување

На тема “Добредојде на есента“ пишувавме за паѓање на лисјата и за златните килими што ги постилаат, за правење зимници, за облекување потопла облека. Денес пишуваме за носталгични моменти од нашето детство, за новите времиња…Пишуваме за она што не сме успеале да го кажеме. За она што никогаш не сме го доживеале. За она што душата сака да го вресне, но од болка сме онемеле. За она што би сакале да се случи.

Некои писанија заслужуваат да останат забележани само во личниот дневник. Но некои и те како треба да ги споделиме со останатите. Како поинаку би постоеле докази дека некогаш сме “биле“? Како поинаку би знаеле што чувствуваат другите, ако не ги прочитаме нивните мисли? Освен ако не би ни кажале вербално, но денес е многу полесно нешто да се напише отколку да се каже.

Ми се чини дека отсекогаш било полесно да се напише сè она што тежи отколку да се каже. Во спротивно никогаш немаше да постои толку долга книжевна историја и богат творечки опус од поети и писатели. Ако го земеме во предвид и фактот дека биле пишувани лични дневници од луѓето тоа значи дека постојат неизбројни пишани сведоштва за минатото. Барем за личното минато на секој поединец што си ги запишувал своите мисли. Прашање е само што се случило со сите тие дневници и каде завршиле.

Есента со сета нејзина величественост секогаш ќе ме потсетува на почеток на учебна година, и општо на нови почетоци. Токму тогаш дрвјата се пресоблекуваат од едно руво во друго, и тревата добива друг изглед, природата се збогатува со златни бои, значи порачува дека “време е за промени“.

Промената не се случува преку ноќ, дрвјата преку цела година се подготвуваат спремни да ја дочекаат есента. Дали ние луѓето ќе можеме еднаш да дочекаме некоја промена подготвени? Се прашувам, а одговорот се надевам дека ќе ме пречека подготвен.

Н.Н

Напишете коментар