Во чест на родениот ден на Томас Стернс Елиот (26 септември 1888 – 4 јануари 1965) денес споделуваме факти за него.
Тој е роден во САД, е англиски поет, драмски писател и книжевен критичар. Според некои, Елиот е најважниот поет кој пишувaл на англиски јазик во XX век.
Неговиот живот бил искуствено богат, претставник е на модернизмот и во 1948г е добитник на Нобеловата награда за литература.
Во продолжение прочитајте ги фактите што ги издвоивме.
Славата ја стекнал со пeсната „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“ (The Love Song of J. Alfred Prufrock), која се смета за ремек-дело на модернистичкото движење.
1. Елиот бил последното од шесте преживеани деца, а кога се родил, неговите родители биле на возраст од 44 години.
2. Неговите четири сестри биле постари од 11 до 19 години, додека неговиот брат бил постар осум години. За семејството и пријателите познат како Том, тој го носел името на неговиот дедо по мајка му, Томас Стернс.
3. Од 1898 до 1905 година, Т.С. Елиот учел на „Академијата Смит“ (Smith Academy), каде ги изучувал латинскиот, старогрчкиот, францускиот и германскиот јазик.
4. Започнал да пишува поезија кога имал 14 години, под влијание на Рабајат на Омар Кајам (Rubayat of Omar Khayyam) на Едвард Фицџералд (Edward Fitzgerald), превод на поезијата на Омар Кајам (Omar Khayyam). Но, според неговото сопствено признание, резултатите од тој обид биле депримирачки и очајни, така што тој ги уништил.
5. Т.С. Елиот студирал филозофија на Харвард од 1906 до 1909 година, при што дипломирал за три наместо вообичаените четири години.
6. Во 1914 година му била доделена стипендија за Колеџот Мертон во Оксфорд. Toj најпрвин заминал во Марбург, Германија, каде планирал да се вклучи во летната програма. Но кога избувнала Првата светска војна заминал во Оксфорд. Во тоа време, толку многу американски студенти студирале на Колеџот Мертон, што од „Џуниор комон рум“ (Друштво на студентите запишани на додипломски студии) била поднесена поплака дека „ова друштво трпи американизација на Оксфорд“, но таа била одбиена за два гласа, откако Елиот ги потсетил студентите колку ѝ должат на американската култура.
7. Елиот не останал во Мертон, туку по една година си заминал. На пречекот на 1914 година, тој му напишал на Конрад Ејкен: „Ги мразам универзитетските градови и универзитетските луѓе, кои се насекаде исти, со трудни жени, деца на сите страни, многу книги, и одбивни слики на ѕидовите…Оксфорд е многу убав, но не ми се допаѓа да бидам „мртов“.
8. Во 1916 година ја завршил докторската дисертација на Харвард за „Искуството и предметите на познавањето во филозофијата на Ф. Х. Бредли“, но не успеал да се врати за да ја одбрани.
9. Во писмото упатено до Ејкен во декември 1914 година, на возраст од 26 години, Т.С. Елиот напишал: „Многу сум зависен од жени (мислам од женско друштво)“.
За помалку од четири месеци, Тајер го запознал Елиот со Вивиен Хеј Вуд (Vivienne Haigh-Wood) гуветнанта во Кембриџ и тие се венчале во Хемпстед (Hampsted) на 26 јуни 1915 година.
10. Во приватна белешка напишана во шеесеттите години од неговиот живот, Елиот признал: „Дојдов до тоа да се убедувам себеси дека сум вљубен во Вивиен само затоа што сакав да ги запалам бродовите и да се осудам себеси да останам во Англија. И таа се убедуваше себеси (исто така под влијание на Езра Паунд) дека ќе го спаси поетот ако го задржи во Англија. За неа бракот не донесе среќа. Мене пак, ме доведе до состојбата на умот од која произлезе „Пуста земја“.
11. Врската на Елиот со Вивиен Хеј Вуд е тема на „Том и Вив“, тетарска претстава од 1984 година, која во 1994 година била адаптирана за филм).
12. На 29 јуни 1927 година, Елиот преминал од унитарианизам во англиканство, а во ноември истата година се здобил со британско државјанство.
13. Томас посебно се идентификувал како англо-католик, прогласувајќи се за „класичар во литературата, ројалист во политиката и англо-католик во религијата“.
14. Според признанието на самиот Елиот, врската меѓу САД и Англија имала големо значење за неговата поезија, велејќи: „Мојата поезија очигледно има повеќе заедничко со моите ценети современици во Америка, отколку со што било напишано во мое време во Англија. Не би била тоа што е, и претпоставувам дека не би била толку добра … ако бев роден во Англија, но не би била тоа што е и ако останев во Америка. Се работи за комбинација на нештата. Но по нејзините извори, по нејзините емотивни извори, доаѓа од Америка“. Откажувајќи се од неговото американско државјанство, Елиот вели: „Мојот ум можеби е американски, но моето срце е британско“.
15. На 10 јануари 1957 година, на возраст од 69 години, Т.С. Елиот се оженил со Есме Валерија Флечер, која имала 32 години. За разлика од првиот брак, Елиот ја познавал Флечер добро, бидејќи таа му била секретарка во „Фабер и Фабер“ од август 1949 година. Тие ја држеле нивната венчавка во тајност. Церемонијата била одржана во една црква, во 6 часот и 15 минути изутрина, во присуство само на родителите на неговата жена.
16. Во раните 1960-ти, со нарушено здравје, Елиот работел како уредник за „Веслиан јуниврзити прес“ (Wesleyan University Press), во потрага по нови поети од Европа за издавање на нивните дела.
17. На 15 ноември 1922 година, во писмото до Ричард Алдингтон, тој напишал: „Што се однесува до „Пуста земја“ тоа е дело од минатото, далечно ако се прашувам јас, и сега се надевам на нова форма и стил“.
18. Песната е позната по нејзината мрачна природа, нејзиното премин од сатира до пророштво, нејзините ненадејни промени на местото и времето. И покрај тоа, таа станала мерило за модерната литература, поетски пандан на романот што бил објавен истата година „Улис“ на Џејмс Џојс. Помеѓу нејзините најпознати фрази се: „Април е најсуровиот месец“, „Ќе ти покажам страв во грст прав“ и „Шантих, шантих, шантих“, санскритската мантра со која завршува песната.
19. „Шупливи луѓе“ се појавила во 1925 година, а според критичарот Едмунд Вилсон таа го означува „дното на фазата на очај и самотија дадени со толку ефективна експресија во Пуста земја“. Станува збор за најголемата поема на Елиот од доцните 1920-ти.
20. Истакнатиот критичар Ф. В. Бејтсон објавил есеј наречен „Т.С.Елиот: Поезија на псевдо-учење“. Како реакција на тоа, Елиот напишал во „Света шума“: „Незрелите поети имитираат, зрелите крадат, лошите го изобличуваат она што го крадат а добрите поети го претвораат во нешто подобро или, во најмала рака, во нешто различно“.
21. На неговата спомен-плоча бил ставен цитат од неговата песна „Ист Коукер“: „Во мојот почеток е мојот крај. Во мојот крај е мојот почеток“.
22. Т.С. Елиот е добитник на бројни награди, признанија и почесни докторати, меѓу кои Дантеовиот златен медал во Фиренца од 1959 година.
На следниот линк можете да ја чуете рецитацијата на поемата „Шупливи луѓе“ со глас од Маја Д. Малиновска.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.