Вашиот глас Литература Проза

Живот и покрај корона – Анастасија Лефкоска

Ја извадив машината за пишување. Да, така ќе почнам. Ја извадив машината за пишување од шкафот, ги затемнив светлата и запалив само една свеќа. Надвор беше темно и тивко знаете, онаа мртва тишина што е прегласна и што може човека да го натера на сѐ. Чујно вдишав, голтајќи ја кнедлата што ми беше застанала во грлото ги наместив прстите над типките и почнав.

Почнав да ти пишувам писмо, небаре сум во војна, а ти ме чекаш. Или па однаопаку, одвреме – навреме погледнував низ прозорецот на улиците на мојот мал град кои скоро никогаш претходно не беа празни. Чмаеја улиците таа вечер и иако Вардарот ме делеше од градската болница сепак во главава ги слушав типкањата на мониторите и зуењето на респираторите. Вештачките голтки на воздух и очајните чекори на лекарите и медицинските сестри додека згужваните стари скафандери и маски ги заменуваа со нови.

Градите ми се стегаа ѕвездо…сценариото за војна и не ми се чинеше толку далечно. Немаше куршуми ама имаше повредени, немаше виновни ама имаше затворени. Немаше потреба ама маркетите беа празни, надвор шеташе полиција, а тие што бевме внатре бевме жедни за надеж. И тогаш кога се чинеше дека ја нема па, затоа излегувавме и пеевме. Сепак, што друго и ни преостануваше?

Но, како и сѐ останато животот продолжи, лекарите и болните биеја битка со болеста. А ние останатите биевме битка со самите себеси. Повеќе не беа интересни сериите ниту пак телефоните пред кои претходно  поминувавме со часови.

Не, бевме принудени длабоко да размислиме, (барем јас) за тоа колку всушност е скапоцен животот и колку навистина беспотребно брзо го живееме. Добивме, да речам, време за малку рефлексија на самите себеси, за нашите постапки минати и сегашни. Добивме време и за помирување со некои вистини одложени и стуткани во последната фиока во шкафот на нашиот ум.

Животот стагнираше на шест полни месеци за некого ко шест секунди доволни за победа, за преродба. Доволни за надминување на стравовите и подигање на свеста. Животот стагнираше ама сепак продолжи на еден поинаков начин. И знам дека не сум единствената што ќе го рече ова ама, никогаш веќе нема да се сомневам. Никогаш нема да им заборавам на сите оние медицински лица што душата ја оставија по ходници. Ниту пак на сите полицајци што навечер наместо да спијат дома покрај саканите шетаа по улици.

Тие што пеевме и  ракоплескавме, за вас беше сѐ тоа, еден мал гест за да ја поделиме нашата благодарност и надеж.  Можеби не беше многу ама тоа беше сѐ што имавме во тие тивки, језиви вечери во кои тишината некако мораше да се победи и пробие.

Ја извадив машината за пишување. Да, така и ќе завршам. Ја извадив машината за пишување ѕвездо, со надеж дека ќе ти напишам писмо. Ја извадив и ја вратив во шкафот, ја дувнав свеќата и ги запалив светлата. Најлошото помина и покрај Корона животот продолжува. Нема потреба од писма, ќе изгрее Сонцето и повторно ќе те видам.

Анастасија Лефкоска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје