Skip to content

Кога мудрецот љубеше – Софија Петковска

  • by

Расфрлани соништа,

распостелени на трева мека,

весело скокаат од цвет на цвет,

гласно се смеат на својата судбина,

бестрашно по водопадот се спуштаат,

знаејќи дека таму некаде,

брановите ќе стивнат,

времето ќе застане

и сè

ќе се смири.

Магија ќе се стори.

Тоа е верба.

Магла низ воздухот,

густа ко памук,

прст пред око што не ти покажува,

во бездна те води,

та чекориш кроце низ лавиринт со патокази чудни,

газиш на суво лисје кое на влага мириса,

во умот хаос ти создава,

но,

срцето твое лавовско е,

храбро,

та во тие темни ходници,

дланките ги спојуваш,

очите ги затвораш,

усните почнуваат молитви да шепотат.

И тогаш,

светлина гледаш.

Тоа е надеж.

Сончеви зраци

на планински врв седнати,

душа топлат,

медитираат,

возбудено иднината ја чекаат,

со птичји пој срце насладуваат.

А ангели кадрави,

оро играат,

со дечиња мили

насмевки разменуваат,

под пазувите ластовички им застануваат,

и со малите рачиња пеперутки бркаат в лет.

Дланки со прсти испреплетени,

ко корења на дрво векови старо

и срца во ист ритам музика што свират,

бакнежи си делат,

подеднакво,

за сите да има,

со очи зборуваат,

енергии разменуваат.

Тоа е љубов.

В куќарка дрвена,

со врата од стакло,

крцкав под,

разјаден од времето

приказни раскажува.

Книги насекаде расфрлани,

списи од минатото пожолтени

и едно огледало старо на среде соба,

прашина што фаќа.

Во него ликот свој.

Убав.

Горд.

Со коси побелени,

а поглед остар ко нож.

Ликот свој го гледаш.

Усни со боја на вино румено,

тие усни,

на тоа место старо,

насмевки ти крадат.

На успесите гордо се сеќаваш.

На тагата и болката чворови им врзуваш и

со сето свое искуство

маестрално,

свечено,

в река ги пушташ да заминат.

Тоа е мудрост.

Вера.

Надеж.

Љубов.

Мудрост.

Напишете коментар