Skip to content

Мемоари на една средовечна жена (втор дел) – Силвана Панева

Саботите со години наназад ми се резервирани за посета на родителите. И овој Октомвриски ден одлучив пеш да ги посетам, иако не живеат во моја близина. Тргнав полека и додека одам по патот некоја чудна меланхолија ме обзема и со мислите се враќам пет децении назад. Многу живи се сеќавањата на мостот обложен со коцки, на дрвото кое со Билјана го крстивме “Универзална сала “.  На луѓето што како дете секојдневно ги среќавав. Иако газам по истиот мост, наизглед сè е исто, но, ништо не е како некогаш. Мостот, претрпе повеќекратна поправка. Ги нема повеќе коцките кои му даваа посебна убавина, го нема ниту нашето дрво, ја нема Билјана и луѓето на кои секојдневно им велев “ Добар ден “.

Потоа во себе си помислувам “panta rei”(сè тече сè се менува ). Бескрајно жалам за драгите луѓе од мојата младост, кои не се повеќе живи. А, животот никако не запира, нема да запре и кога мене ќе ме нема. За среќа секогаш ќе има нови генерации кои се надевам дека ќе го направат овој свет подобро место за живеење.

По половина час бавно одење стигнувам до куќата на моите родители. При крајот на шестата деценија од мојот живот имам родители кои длабоко навлегоа во деветата деценија. Верувајте, привилегија е да ги гледаш родителите, кои оддолеваат на годините и проблемите што животот ги носи.

Во големиот двор ме дочекуваат двајцата: со коси побелени, очите им се уморени од старост, и од чекање  дали денот ќе го поминат сами, или ќе ги посетиме. Однапред знам каков тек ќе има нашиот разговор. Најпрво ќе ми ги покажат новите лекови, потоа во отсуство на едниот ќе се пожалат од другиот. И овојпат разговорот почна токму како што претпоставив. Понекогаш ќе ги искарам како мали деца, но бргу се покајувам им велам дека треба да бидат благодарни што остареле и дочекале внуци и правнуци. Знам дека живеат за овие моменти на разговор, како светулки им светнуваат очите и велат дека вистината ја зборувам. Мајка ми само ќе трепка со очите, а татко ми кој отсекогаш повеќе зборувал, ќе ми каже:

– Благодарни сме ние, но староста знае да биде многу тешка.

– Ама, тоа ќе го знаеш ако ги доживееш нашите години.

Претпоставувам дека ја зборува вистината, и јас така им велам на моите деца. Ниту јас не можам да ги разберам нив во целост, ниту мене моите деца. Кога нешто ќе го почувствуваш на своја кожа, само тогаш ќе се увериш во зборовите на постарите генерации.

По неколку минути повторно се отвори портата, влегува брат ми, лицето на мајка ми уште повеќе се озарува, а татко ми иако не покажува чувства, очигледно се радува на неговото присуство.

Седиме како некогаш четворицата, ниту ние со брат ми не сме повеќе во цутот на младоста. За време на разговорот ја чувствувам среќата што се шири во воздухот, се познаваме доволно добро и сите сме благодарни што уште сме заедно и што постоиме. А, постојат мојата и фамилијата на мојот брат, со тенденција да се зголеми со нови членови.

Најмногу сум благодарна за близината што ја имаме со неговата фамилија, неговите деца се и мои деца, и обратно. А со неговата жена воспоставивме нераскинливи врски. Такво богатство немаат сите за жал, можеби егото или нечие туѓо влијание придонело да се нарушат односите со брат или сестра. Не сакам да давам лекции, но, мислам дека животот е премногу краток да го трошиме во кавги и расправии со најблиските.

Тоа не значи дека животот постојано нè милувал, сме ималe и ние тешки денови.  Но секогаш знаевме меѓусебно да ја делиме среќата и тагата. Старо правило е кога се дели среќата, станува уште поголема, а кога тагата се дели со вистинските луѓе многу полесно се поднесува.

По неколку часа конечно се поздравувам со родителите, им велам дека повторно ќе дојдам следната сабота. За среќа забележувам ниту еднаш не се пожалија на болки и други нелагодности. Го знам лекот за нивната болест, но поради пендамијата и нивната возраст, не може целата фамилија наеднаш да ги посетува, туку еден по еден. Се надевам дека некој убав ден повторно ќе им ја наполниме куќата со смеа, за да ја разбијат монотонијата што староста ја носи.

Во секој случај постои некоја тивка радост во мене за нивното битисување, додека тие живеат, малото дете кое го носам со себе, нема да порасне. Среќа е за една средовечна  жена како мене да има има живи и релативно здрави родители. Навистина е среќа…

Прочитајте го и првиот дел „Мемоарите на една средовечна жена“.

Напишете коментар