Занимливости и информации Интервју со...

Одблиску со Дејан Крстески – автор и поет кој годинава постигна меѓународен успех

Тимот на Крајбрежје имаше чест и задоволство да поразговара со авторот и поет Дејан Крстески кој годинава осови прва награда за неговата песна „Тело“ на интернационалниот поетски фестивал „Мелнички вечери на поезијата 2020“.
Прочитајте го разговорот во продолжение и запознајте се одблиску со нашиот домашен автор.

Кој е Дејан приватно, а кој професионално? Има ли разлика?

– Мислам дека не постои голема разлика. Успеав да не се променам и да останам истиот човек кој бев. Освен што Дејан приватно е за нијанса поопуштен од другиот Дејан. Но тоа се ситници. Среќна околност за мене е што се бавам со пишувањето, па на некој начин јас сум во сенка на продуктот кој го нудам, односно моите книги. Не ги сакам толку многу јавните настапи и снимањата. Се појавувам само кога морам. Сметам дека за мене доволно зборуваат моите книги.

Освен тоа, секој човек има повеќе улоги во животот, а јас сум пред се нечив син, пријател, сосед, колега… Дури потоа сум писател и психолог.

Ти си еден од помладите автори во нашава земја, нè интересира, а мислам дека и читателите исто, дали постојат автори од кои црпиш инспирација или со чиешто дело сакаш твоите да бидат споредувани?

– Интересно е дека на почетокот, моите први две книги луѓето ги споредуваа со творештвото на Едгар Алан По. Секако таквите споредби ми годеа, иако сличноста која што ја гледаа луѓето не беше намерно промислена. Има многу автори кои ме воодушевуваат. Кога бев помлад, Достоевски беше писателот на кој се восхитував. Автори на кои се угледам и кои ме мотивираат да пишувам се Уелбек и Паланик. Начинот на кои тие го гледаат светот е толку воодушевувачки за мене како автор и како човек.

Дали постои надеж за македонските писатели и поети, што значи да се биде писател во Македонија во денешно време?

– Па не знам што можеме да подразбереме под надеж, но доколку во таа конструкција го вметнеме повратниот сигнал од читателите, тогаш дефинитивно постои надеж. Тука секако би морал да нагласам дека не е лесно да се биде писател во Македонија. Секој автор мора да биде истраен и упорен во своите намери, секако доколку сака да го работи тоа. Неминовен процес е авторот да се приближи до читателите, но не по секоја цена. Важно е да остане свој и квалитетен, бидејќи на крајот на краиштата тоа е она што ќе остане.

Дали македонските автори се ценети во Македонија?

– Не би можел да зборувам глобално за сите автори, па затоа ќе зборувам за себе. Мислам дека не. Навистина е тешко да се биде автор тука, како што веќе напоменав. Не само поради тоа што ние сме мала земја, па следствено на тоа имаме и мал број на читатели, туку и затоа што е навистина тешко да се бавиш со пишување тука. Луѓето мислат дека е лесно, бидејќи се запознаени со финалниот производ, со промоции, интервјуа и сл. Но процесот на издавање на книга е навистина тешка и макотрпна работа. Затоа можам да кажам дека авторите не се ценети.

Како автор сум бил сведок на многу демотивирачки ситуации кои ме терале да се откажам од пишувањето – наместени конкурси, политизирана култура, изместени вредности, неосновани фаворизирања, лош однос на соработниците  и издавачките куќи… Освен тоа јас никогаш сум немал одредена издавачка куќа која континуирано стоела зад мене. Но тоа е веќе друга приказна, издавачките куќи намерно или ненамерно го обликуваат профилот на читателот кај нас, преку своите понуди на книги. Најчесто тоа се неиновативни четива, проверени концепти кои брзо поминуваат кај луѓето. Така јас мислејќи дека создавам мејнстрим работи, кај нас испаднав алтернатива и авангарда.

Дали е исплатливо да се биде автор и раскажувач кај нас?

– Не, не е. Но, човекот е најсреќен кога го работи тоа што го сака. Задоволството е уште поголемо кога она што го создавам им се допаѓа на луѓето, читателите на моите книги. Пишувам книги кои и самиот би ги читал. Пишувањето на нешто што не ми се допаѓа, само затоа што мислам дека би поминало со сигурност,  е неискрено.  Создавањето на нешто само за да биде барано, купено – е како да ги третираш читателите како поглупави од себе. Мислам дека таквите финти не проаѓаат секогаш – сигурно не на подолги стази.

Дејан Крстески
Од сите твои дела можеш ли да издвоиш омилено?

– Без двоумење, тоа е Чист хероин. Како и сите мои книги, и оваа не е книга која се чита механички, притоа, избегнувајќи го процесот на себеанализа. Чист хероин е книга во која се отсликани внатрешниот свет на поединецот, неговата природа во потрагата по смислата на животот, душевното бунило и растројство, осаменоста и неразбраноста во времето во кое живееме. Мислам дека основна улога на книгата е да промени нешто во нас. Ако тоа не се случи, тогаш времето посветено на неа е залудно. Се надевам дека поголемиот дел од вас ќе се согласат со мене дека книгата треба да претставува форма на отпор, а нејзината содржина треба да критикува и провоцира. Освен тоа, таа треба да биде конструкција на која читателот ќе ги надогради и темелите на своите верувања и погледи на светот.

Твоето последно дело Херои од хартија брои 37 песни од кои 36 се на македонски јазик, а последната (The man) е на англиски, зошто?

– Кога ја напишав Човекот (The man), бев исклучително горд на таа песна, бидејќи се однесува на сите луѓе. Ретко ми се случува тоа, иако сум автор кој ужива во процесот на експериментирање. Можеби ми е полесно да размислувам како поединец, да создадам лик и да се ставам во неговата кожа, отколку да размислувам како сите луѓе наедаш. Иронијата е во тоа што сме сите толку различни, а толку слични. Освен тоа, тематски тоа е песна која како ластик  може да се развлече и да важи за минатото, за иднината, а соодветно го опишува и човекот од денешнината. Можеби затоа се издвои од другите песни, па одлучив истата да ме претставува на еден фестивал во Италија, поради што мораше да биде преведена на англиски.

Дали Херои од хартија беше првичниот наслов на книгата или имаше и алтернативни имиња?

– Оваа книга најмногу ја доживеав како моја платфома од која им се обраќам на читателите. А тоа што сакав да им го кажам е бескомпромисно искрено и едноставно. Можеби на прв поглед насловот на стихозбирката делува претенциозно, затоа што херојството е преширока категорија за да се објасни во една книга – но, за мене претставуваше голем предизвик. Освен тоа, реалноста е толку субјективна, а светот во кој живееме стои на темели кои можат секој момент да се срушат. Такви се и хероите. Тие се храбри, силни и доблесни, но сите имаат слабости, или, барем по една слабост. Такви се и моите песни. Изгледа нивната слабост е мојата несвесна потреба да ја иронизирам идејата за модерната смисла на живеење, наспроти едноставноста.

Книгата требаше да носи наслов Фобофобија, па така овој наслов е алтернативата, односно вториот избор. Се надевам дека не погрешив. Освен тоа, голем дел од песните кои не влегоа во збирката се надевам ќе бидат објавени во некоја следна прилика, па ете, веќе имам резервиран наслов за следната збирка.

Ако можеш со една реченица да го опишеш сопствениот мисловен процес при создавање на една книга, која би била таа реченица?

– Биди тоа што си, биди искрен со себеси, бидејќи само тогаш ќе бидеш среќен. Но,  тоа е првото нешто кое ми падна на ум. Исто така често се присилувам себеси помалку да се цензурирам. Моите читатели треба да бидат подготвени за една поинаква реалност составена од мрачни и брутални сцени од современието. Несомнено, за книжевноста може да се каже дека е одлична кога таа е вознемирувачка. Па иако содржината од моите книги може да биде вознемирувачка за дел од читателите, знам дека воедно е и квалитетна. Освен тоа, не пишувам за да се допаднам. Пишувам затоа што морам – тоа е посилно од мене.

Криеш ли некои други приказни во ракавот? Можеме ли да очекуваме нешто ново?

– Секако. Иако себеси се сметам за мрзлив автор, особено во последно време. Не пишувам често. Тоа и не е толку лоша работа, ако тргнеме од гледиште дека квантитетот го гуши квалитетот. А кога нешто ќе напишам детално го анализирам и доработувам. Идеите се тука, се надевам дека наскоро ќе се изроди нешто ново.

Од каде сè црпиш инспирација?

– Никогаш не сум во потрага по теми, тие ме наоѓаат мене а јас ги сместувам на хартија. Испирацијата ја доживувам како внатрешна сила, двигател и мотиватор пред сè да ги согледам нештата, а потоа и да ги ставам на хартија. Следствено на тоа можам да кажам дека инспирацијата е насекаде. А раскажувањето за мене е како влез во лавиринт. Никогаш не знам каде патот ќе ме одведе при пишувањето.

Ако можеш да поминеш два часа со некој светски познат писател од било кој период од историјата, кој би бил тоа и за што би разговарале?

– Има повеќе. Би сакал да можам да зборувам со Херман Хесе за животот; со Чак Паленик за колективното лудило и природата на човекот; со Антоан Егзипери за помирурувањето со неминовното; со Иво Андриќ би зборувал за самотијата и тагата.

Секако дека има уште многу други со кои би сакал да зборувам.

Каде можат читателите да ги пронајдат твоите книги?

– Во овој момент моите книги читателите можат да ги набават само преку контакт со мене.

Кој е твојот лајтмотив?

– Да бидам подобар човек. Да бидам човек – поради себе и поради светот во кој живеам.

Порака до читателите на Kрајбрежје и новите автори?

– На читателите би им упатил порака повеќе да истражуваат и да не се задоволуваат со понуденото. Затоа што не е секогаш најдобро она што е најрекламирано и најдостапно.

На новите автори би им порачал да бидат искрени со себеси и истрајни во своите намери. Трагањето по брз успех може да биде погубно за самиот творечки процес.

На Дејан му благодариме за одвоеното време и за прекрасниот разговор. Му посакуваме успешно творештво и многу успеси на сите полиња!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје