Голем дел од децата во нашата земја не го слушнаа првото ѕвонче што го означува почеток на школската настава. Од четврто одделение и нагоре наставата ја следат онлајн преку компјутерски екрани со помош на интернет. Во еден град си живееја Вања и Сања, кои беа сестри со пет години разлика. Вања имаше седум годинки и мораше да оди во второ одделение додека Сања имаше дванаесет години и на час беше присутна “онлајн“.
Разговорот помеѓу нив
Едно тмурно утро додека Сања се подготвуваше за на училиште, пред да ја однесат нејзините родители до влезот, ѝ се обрати на нејзината поголема сестра:
„Вања, зошто ти не се облекуваш за на школо туку седнуваш на компјутер? Зошто јас одам на школо, а ти од дома?“. Вања знаеше дека нејзината сестричка е запознаена со целата ситуација, но беше премногу љубопитна. Затоа сакаше да ѝ даде колку што е можно поточен одговор. Меѓутоа, и таа не знаеше најубаво да објасни. Ѝ беше жал што сестричката секое утро станува и се облекува, ставајќи го тешкиот ранец за во училиште, и згора на тоа ја става маската на лице.
„Бидејќи вие сте помали, и потешко се снаоѓате со компјутерите“, ѝ рече Вања иако знаеше дека Сања на нејзините седум години многу добро се снаоѓа со компјутерот. „Исто така, вас ви треба дополнително објаснување на работите, за подобро да ги разберете“, звучеше убедливо Вања.
„Сè што учиме јас веќе знам“, се бунеше Сања. „Ужасно се досадувам и мразам кога ги слушам другите како неразбирливо читаат. Мислам дека јас можам да ги следам од дома часовите“, негодуваше Сања сакајќи и таа да остане дома.
„Види мила, знам дека си паметна и многу интелигентна, но правилата важат за сите исто, такви се законите кај нас, не им текнало да ги сменат уште“, ѝ рече Вања.
„Што се тоа закони?“, зачудено праша Сања.
„Ете затоа треба да одиш на училиште. За да можеш да го научиш и тоа. Кога ќе дојдете до таа лекција, ќе ти текне на ова утро“, самоуверено и задоволно се насмевна Вања. „Ајде сега да не задоцниш, оди, мене за десет минути ми почнува онлајн часот“, рече поголемата сестра.
„Добро, кога ќе научам што се закони, тогаш ќе измислам нов закон, и ќе направам короната да исчезне веднаш“, рече седумгодишното девојче и со ранецот на грбот замина кон излезот од вратата.
Прочитајте jа и приказната за децата од улица „Шаренолија“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.