Занимливости и информации Литература На денешен ден Писатели и поети Странски автори

Романтизмот во делата на По и неговиот поетски метод

Едгар Алан По бил роден во 1809 година во јануари,а починал на денешен ден во 1849. Тој бил американски писател, поет, уредник, критичар. И еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот. Најпознат е по своите мистериозни и раскази за макабрата.

По е еден од првите американски писатели на раскази и се смета за творец на детективската и криминалистичката проза. Нему му се припишува и заслугата за појавата на научната фантастика. Тој е првиот познат американски писател кој живеел само од пишување, што се резултирало во финансиски тежок живот и кариера.

Најконтроверзниот податок во Поовата биографија е неговата чудна двојност. Огромната разлика во тврдењата на неговите современици укажува на постоењето на две личности во неговото тело. Така, кон оние што ги сакал, По бил нежен и посветен, а оние пак, кои биле предмет на неговата остра критика, во По гледале раздразлив и арогантен ексцентрик, а многумина го обвинувале за неморалност и недостаток на етички принципи.

Романтизмот во делата на По

Раѓајќи се и формирајќи се во времето на доминацијата на романтизмот, во творештвото на По неизбежно се чувствува влијанието на романтизмот, како и неговата опседнатост со окултното и сатанското. Борбата меѓу човечкиот разум и недостижното постојано варира во неговите творби. Во нив некогаш претежнува разумот, а другпат победуваат мрачните сили или смртта.

Романтичарскиот белег во делото на По најмногу се гледа во неговото раширување на границата на возможното и воздигнувањето над реалноста. Во неговите песни, безграничната љубов на поетот кон мртвата девојка ја тера умрената да се врати во светот на живите.

Во повеќето песни на По како мотив се јавува смртта во сите нејзини облици. А најчесто лирскиот херој е љубовник кој ја оплакува мртвата сакана. Во песната „На Елена“ од 1831 година, По ја гради идеалната визија за загубената љубов, која понатаму се повторува во неговите песни.

Женските имиња во неговите песни

Притоа, во повеќето негови песни, женските имиња се или варијанта на едно исто име (Хелен, Елена, Елеонора, Ленора, Линор итн.) или пак произлегуваат од името на неговата мајка Елизабета, зашто ги содржат консонантот „л“ и вокалот „е“ (Морела, Лујели, Јулејлума, Мадлен, Анабел Ли, Лижеја, Лејлиџ итн.). На тој начин, женските имиња во поезијата на По се идентификуваат со неговата мајка или со Елена од Троја, но во секој случај станува збор за идеална убавина.

Во првата збирка на По „Тамерлан и други песни“, По го користи митот, според каноните на романтичарската поезија, а во неговите стихови пулсира одгласот на Бајрон. Во своите стихови, По се нарекува „неизлечив поет“, но тука се работи само за вербална патетика. Дури во втората збирка „Ал Арааф, Тамерлан и помали песни“, По го оставил Бајрон како свој модел, а во третата збирка „Песни“ од 1831 година, Бајрон и Водсворд биле целосно напуштени, но во неа се чувствува силното влијание на Семјуел Колриџ, Ерснт Хофман и германската идеалистичка филозофија.

Поетскиот метод на По

Кога се зборува за поезијата на По треба да се забележи дека, за разлика до неговите современици, По бил школуван во Европа. Тој бил отворен кон достигнувањата на егзактните науки, а во неговото творештво сè е подредено на логиката. По како поет бил строг версификатор, како што забележува Тин Уевиќ:„овој поет не смееме да го објаснуваме само со виното, ниту да го третираме како жртва на алкохоличарската неумереност. Напротив, во неговиот космос владее строга логика.

По не е спонтан автор, иако спаѓа во таканаречените еруптивни творци. Најдобар доказ за тоа е неговиот есеј „Филозофија на композицијата“ во кој го објаснува настанокот на песната „Гавранот“, како и другите есеи во кои ги објаснува принципите на уметноста. Кај него постои интелектуално осознавање на поетскиот чин, кој е бавно созревање, мачно бришење и дополнување на мислата.

Кавки се песните на По?

Освен две песни од најраната возраст („Тамерлан“ и „Ал Арааф“), сите песни на По се лирски кратки и сублимирани. Вушност, во „Филозофијата на композицијата“, По вели дека „она што го нарекуваме долга песна е само низа од куси песни, односно низа од куси поетски впечатоци“. По се залагал за кратка песна, бидејќи таа треба да ја возбуди душата, а според психичката нужност, сите силни возбуди се кратки. На тој начин, По дошол до заклучокот дека “должината на песната треба да биде во математички ооднос со нејзината вредност“.

Според По, „песната стои во спротивност на делата со научна вредност, зашто таа го има како свој непосреден објект задоволството а не вистината“, со што По се јавува како еден од предвесниците на современиот артизам.

Во „Филозофијата на композицијата“, По посветува големо внимание на версификацијата. Во таа смисла, тој истакнува дека „можните разновидности на ритамот и на строфата се навистина бескрајни. Сепак, со столетија, никој во поглед на стихот не остварувал, ниту се обидувал да оствари нешто ново“. Тој смета дека за да се дојде до новото треба да се бара напорно, а за да се дојде до новото треба повеќе одречување од фантазија.

Во своите песни, По постојано ја употребува алитерацијата, трохејот го плете со нови комбинации на внатрешни рими и со нов размер ги употребува дактилот, анапестот и амфибрахот и гради нова строфика и чудна еуфонија во поезијата. Во неговата поезија, сè е музика, а метриката му е совршена, т.е. спорд зборовите на Бодлер, таа е „правилна како украс од кристал“.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје