Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Љубов со тетоважа на змеј – Софија Петковска

Немој да бидеш принц

на бел коњ,

строен и спастрен.

Немој,

не ми треба твојата милостиња,

не ми треба твојата утеха.

Немој да бидеш крал,

горделив и суров,

праведен и силен.

Немој,

не ми треба ѕвезда водилка,

не ми треба заштита и поткрепа.

Јас сум жена.

Мајка.

Кралица.

Лак и стрела.

Јас сум животна воинка,

шумска ѕверка нескротена,

степска волчица бестрашна.

Биди ми змеј,

а јас твоја божица.

Стави железни окови на нашата љубов,

да не може да избега,

во пештера темна сокриј ја,

покриј ја со латици од свила,

чувај ја,

ко мајка што своето чедо го чува

и соголи ја,

со капки роса и амброзија надој ја,

расчисти го чакалот,

дај ѝ време да процвета.

Биди ми ламја, голема,

до мене гордо застаната.

Со мојот ум играј си,

загатки кажувај ми,

та со тајни шифри катанците да ги скршам,

во твоето срце удобно да се сместам,

бесмртност да добијам,

а ти змеју мој,

во моите очи опули се,

гледаш, велат оти сродна душа си ми

та мирно да можам да си заспијам,

во твојто крило да се свијам

и сон да сонам,

како на харфа за тебе свирам.

Биди ми љубов аждерска, црвена,

во пламени зачната.

Во вулкан фрли нè,

а потем ко Феникс од пепелта издигни нè,

на небото порака во пламени јазици напиши

и на сите им покажи,

како вистински се сака.

Софија Петковска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје