Кога тагата ќе се насели во твоето срце, не ја избегнувај. Не ја игнорирај и посакај ѝ добредојде. Стани пријател со неа, обиди се да ја разбереш. Таа не одлучила да се всели кај тебе без причина. Постои една мисија што треба да ја исполни. Иако во моментов не ни можеш да претпоставиш зошто дошла. Можеби и знаеш, ѝ го знаеш потеклото, а пак ти пречи. Не гледај на неа како противник. Нека ти стане сојузник.
Не ја доживувај како нешто негативно од кое мора веднаш да се ослободиш. Таа е тука да те научи на неколку работи. Те учи да бидеш посилен, помудар и поцврст. Сака да ти покаже дека и покрај силниот интензитет на тажни чувства, ти продолжуваш да живееш. Точно е дека тагата го крши срцето, и дека предизвикува еден куп емоционални и физички промени. Но уште поголема вистина е дека таа не трае вечно.
Кога тагата ќе се насели во твоето срце, пречекај ја со ширум отворени врати
Угости ја, седни со неа и „разговарајте“. Тогаш ќе ја разбереш подобро причината за нејзината посета, па нема да ѝ се лутиш. Нема да ти биде чудна, далечна и неразбирлива. Само гледај ја како привремен гостин што се засолнал кај тебе. Ќе сфатиш зошто те одбрала токму тебе во тие моменти. Ќе се навикнеш на нејзиното присуство. Но те молам не ја запоставувај.
Знај дека таа еднаш ќе мора да се замине, а подоцна можеби ќе се врати во поинаков облик. Не се навикнувај толку на неа за да не заборавиш што беше среќа. Присутна е токму за да ти покаже што значи нејзината спротивност, и да научиш да ја цениш многу повеќе радоста. Сè е променливо, така и твојата тага.
Кога тагата ќе се насели во твоето срце, те учи на важни животни мудрости. Дури и ако не можеш одма да ги разбереш. Мудрите лекции ќе дојдат подоцна, подготвени да те направат помудар и позрел. Не ја испуштај шансата да се спријателиш со најсуровиот учител. Со твојот внатрешен водич кој те учи да го засакаш, разбереш, и да продолжиш да го живееш животот.
Во ред е да се чувствуваш тажно. Некогаш многу повеќе од вообичаено. Истото не е случајно, следи ги само знаците. Може да биде знак дека ти се случуваат важни животни промени и без да забележиш. Исто така може да значи дека растеш емоционално и созреваш на интелектуално ниво. Не ги занемарувај знаците што ти ги испраќа твојата внатрешност. Бидејќи со нивна помош ти подобро ја креираш својата надворешност.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.