Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Срце…шшш – Виктор Кадинец

Пукни срце, ах,
чим ја немаш во себе.
Пукни срце, ах,
не верува во тебе.
Пукни срце, ах,
чим не си под нејзината стреа.
Пукни срце чим не ја сеќава ова стрела.
Пукна ли срце или пукнатина си,
дупка од премолчен одговор.
Пукна ли срце или во нејзиниот глас,
ехо имаш од срцето нејзино, во тебе.
Ах, крик, некако лирично,
ко борба на славеј без глас,
навезано кирилично.
Ах, таа завеса што ја гони,
таа живописност од бегство.
Ах, срце пукни во нејзиното срце,
стани темел, распукаја со доверба,
дарувај ѝ се…
таа и очи да ѝ видам,
раката на треперот од гласот да ѝ го чујам…
таа и гушкач на сонот да ѝ бидам, да ја видам,
да ѝ бидам јаве,
на џаде качено бајрак да вивнам среде дремка…
Ах срце, ќе те дарам на неа и таа срце да има,
само да проживее,
да поверува.
Ах ќе те вивнам угоре и долу ќе те сместам,
тахикардија да ти бидам,
а сепак да те смирам.
Ах срце, последниот пулс нека ѝ биде дар,
како бал на монсуни од искреност.
Ахх срце, одавде од градиве мои кога те вадам
и како дар те давам,
како насмевка на дете мало, искрена и чиста,
како листа на желби за Дедо мраз,
премрзнат сред гајзер,
стоплен од непокор.
На тацна бре ќе те ставам срце.
Во украсна салфетка ќе те повијам,
да зататниш силно како пречек на кралица.
Ахх бре срце, пукни. Пукни во неа!
Само во очите да ѝ видам смеа.
Срце, шшш…ајде,
време е да одиш кај неа.
Покажи ѝ каде,
но до таму мора сама.
Оти таму со срце се иде,
бидејќи тоа таму е повеќе од ова сега.
Само покажи и… шшшш.
Биди упорен човеку.
Докажи дека имаш срце.

Виктор Кадинец

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје