Вашиот глас Литература Расказ

Гаврани – Лидија Стефановска

Секој ден на надворешната страна на клима уредот ставав трошки за птиците. Но, повторно како и пред неколку години забележував дека најбројни се гавраните, две мали гугутки кои постојано ме честеа со нивното присуство и по некоја страчка која измамуваше восклик од мене: О!!!…Ми се случуваше и навечер да им ставам храна, а бидејќи на прозорецот немав завеса и ниту ги спуштав дрвените ролетни (а поглед да имам кон надвор, но и исто така мислев, дека собата ќе ми биде потопла ако во неа влегува светлина), наутро ме будеше вревата од птичји гласови, и потчукнувањата по ламарината.

Тие птици од кои се плашев толку многу и сама не знаејќи зошто, можеби поради нивната црна боја, верувањето дека носат несреќа и дека нивните крикови потсетуваат на смртта, или затоа што еден гавран ми помина над главата, а над него летаа мноштво во воздухот…ги нарекував злокобни и страшни.
Најпрво ги бркав од мојот прозорец, за гавраните да им отстапат место на гугутките (врапчињата скоро никогаш не можеа да дојдат на ред, иако еднаш ми влета врапче во собата, сврте еден голем круг околу и одлета), а потоа сосема престанав да им ставам храна и бегав од нив каде и да ги здогледав.

Ми се случуваше на некои од канделабрите да наидам на оние големи гаврани, кои во тие мигови ми се причинуваа уште поголеми и тогаш полека со страв преминував од другата страна на улицата не завртувајќи се. Како божем да ќе ме следат, додека во мислите сѐ уште ми беа нивните клунови и пердуви на вратот.
Но, се измамив и заборавив дека и тие се само обични птици, гладни како и другите. Си припомнив дека преку нив Творецот им праќал храна на некои Светци. Повторно почнав да ги хранам, за да се ослободам од големиот страв што го чувствував од нив. Така понекогаш, забележував дека не е сѐ според законот на силата.

Гледајќи ги гугутките со раширени крилја како го бркаат гавранот и си го чуваат своето место на клима уредот и ламарината, а јас се радувам, зашто во повеќето случаи тие се целите згрчени и толку многу сакам да ги гушнам.
Всушност, посакував, и гугутките и гавраните заедно да колваат и да не сум на ничија страна. Затоа што видов дека и гавраните се плашат од мене и штом ќе ме здогледаа, веднаш го грабнуваа лепчето и бегаа.

Oткако престанав да се плашам од гавраните, почнав да ги набљудувам – како беа често во друштво со галебите, а мислев дека се недружељубиви. По парковите измешани со лисја, меѓу зградите каде луѓето тресеа трошки или пуштаа парчиња леб, а тие брзо долетуваа да ги зграпчат. На жиците од електричните столбови, на небото кога летаа во големи јата формирајќи неправилни геометриски форми во воздухот…насекаде.

Го следев нивното бучно, крескаво гракање кое напати ме тераше да се насмеам и ми наликуваше на караница, а тие всушност така си разговараа и меѓусебно се довикуваа. А една зима, видов гавран како во устата држи топка со снег од средна големина. Дали пиеше вода од снегот, не знам, зашто малку потоа ја пушти и одлета.

Еднаш на улица застанав привлечена од два гаврана оддалечени еден од друг на извесно растојание. Вниманието го насочив кон едниот гавран, другиот сигурно учеше од него. Во устата држеше орев. Од мала восочина неколку пати го пушташе оревот да падне, па со клунот долго го клукаше и во неможност да дојде до јатката, а и поради минувачите кои поминуваа одлетуваше заедно со него.
Дури и кога не беше сезоната на јаткасти плодови често по некои улици ги гледав со орев во устата (на што претпоставував дека им се скриени на некое тајно место ) при што застанував да ги набљудувам и да одам по нив, за на гавраните да им влезам во трагата.

Но, сѐ што открив беше дека потоа оревите ги ставаат на прометни улици, под тркалата на автомобилите кои ќе ги скршат, а тие ги прибираат јатките од плодот.
Еднаш пак, додека седев надвор во едно маалско кафуле, покрај мене како молња пролетаа пет-шест гаврани. Едниот од нив се одвои и влета внатре преку отворената врата. Пријателот со кого седев возбудено скокна и почна гласно да извикува: Влезе внатре, влезе внатре, виде ли… Јас го видов, ама како нестварна слика ми беше, па мислев дека ми се причини. Гавранот се беше скрил на едно место кај што беа гајбите. Сигурно по грешка влегол по тоа како се беше скрил и уплашено седеше меѓу пивските шишиња во една гајба, сè додека келнерот со метла не го истера надвор.

Во мислите ги нарекував и “прчковци” поради гордото шеткање наваму- натаму, како да се прават важни на постоењето, на умноста и интелигенцијата. Така една доцна есен останав занемена од нивната итрина, кога случајно видов рибари кои како храна за рибите имаа пченкарни зрна сместени во пресечено пластично шише кое се наоѓаше на едно ѕитче отспротива на езерото. И додека рибарите беа малку подалеку занесени во својот риболов, забележав неколку помали гаврани како поткраднуваа зрно по зрно од пченката.
Ќе го земеа зрното во уста и се тргаа настрана да го изедат па веднаш потоа се враќаа по уште едно и таа постапка ја повторуваа неколкупати. Стоев, и долго ги гледав.

Моето хранење на гавраните (а со нив беа повторно и гугутките) продолжи уште некое извесно време и покрај негодувањето на соседите од подолниот кат дека моите птици (како што ги нарекуваа ) им прават нечистотија на ламарината која потоа мора да ја чистат.
Дека кога е прозорот отворен собата им се прави со трошки. А гавраните веќе не бегаа од мене кога ќе ме здогледаа како им го принесувам лебот. Не морав да бидам притаена. Довербата беше обострана. Разликуваат и паметат човечки лица, сега размислувам, додека ги гледам и во мислите разговарам со нив велејќи им слободно и безгрижно да летаат. “И простете ми за времето кога не ве сакав воопшто” гласно проговарам.

Лидија Стефановска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје