Skip to content

Сѐ се заборава

Сѐ се заборава, дури и големите љубови,

Или можеби тоа не е заборав

Само болка

Која останала да чмае во срцевината на душата

Самува без да ѝ бидеме присуство

Без да ѝ подадеме рака

И чмае, чмае, чмае

И излегува само во соништата

На изгубените љубови

Си поигрува валцер со духови

Од минатото

Сонуваме тогаш

Сеништа

Облеани со црвена пот

И со очи кои демнат во темнината

Со дијаманти на половината

Мирисаме темјан

Лебдиме во етерот,

Плашливи се нашите очи

Иако затворени

Гледаме сѐ и не гледаме ништо

Каде си? Каде си?

Болката нема одговор, таа само болува,

Болува како болесница без болест,

Болува како бесмртница без смрт

Болни сме од болка

Но дали сме живи?

Како персефониски Ад

Живееме само кога Сонцето

На љубените

Ги гали нашите коси.

Сѐ се заборава.

Но, не и Сонцето

На љубените.

Напишете коментар