Драги Михајловски – еден од најдобрите современи македонски писатели и преведувачи

Драги Михајловски (Битола, 16 октомври 1951) – македонски поет, раскажувач, романописец, есеист, преведувач и професор.

Михајловски е роден на 16 октомври 1951 во Битола, каде го поминал и своето детство. Основно и средно образование завршува во Битола, а дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Филолошкиот факултет („Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“), а докторирал исто така во Скопје („Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“). Од 1976 година работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов е редовен професор пред пензија на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметот Теорија и практика на преведувањето и толкувањето.

Драги Михајловски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на ПЕН на Македонија од 1992 година, како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД, од 1998 година.

Бил уредник на книжевните списанија Lettre Internationale, Стожер, Стремеж, член на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две години (2007-2008) бил и претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на РМ.

Книжевно творештво
  • Речно улиште (раскази, 1981),
  • Ѓон (раскази, 1990),
  • Нераспнати богови (есеи, 1991),
  • Скок со стап (раскази, 1994),
  • Волшебното котле и други бајки (книга за деца, 1995)
  • Триполската капија (раскази, 1999),
  • Под Вавилон – задачата на преведувачот (докторат, 2000),
  • Сиромавиот и чучурлигата (книга за деца, 2000),
  • Пророкот од Дискантрија (роман, 2001),
  • Смртта на дијакот (роман, 2002),
  • Раскази од шести кат (раскази, 2003),
  • Мојот Скендербеј (роман, 2006).
  • Пат за рајот, збирка раскази и драми, 2017, Три – Скопје,
  • Бдеењето на Одисеј, роман, 2018, Просветно дело – Скопје,
Преводи:
  • 37 драми од Шекспир
  • 154 сонети од Шекспир
  • Загубениот рај од Џон Милтон
  • Поезија од Перси Шели
  • Поезија од Џон Китс
  • Поезија од Вилијам Блејк
  • Поезија од Џон Дан
  • Поезија од Т.С. Елиот
Награди
  • Рациново признание за книгата раскази „Скок со стап“
  • Награда „Стале Попов“ за романот „Смртта на дијакот“ (2002)
  • Награда „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон
  • Награда „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир (2006)
  • Награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир (2013)
  • Награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста (2018)