Жан Никола Артур Рембо (француски: Jean Nicolas Arthur Rimbaud; 20 октомври 1854 – 10 ноември 1891) е француски поет, познат по неговото влијание врз модерната литература и уметност, а особено надреализмот. Роден е на денешен ден.
Тој почнал да пишува на многу рана возраст и бил одличен студент, но се откажал од формалното образование во неговите тинејџерски години и побегнал среде Француско-Пруската војна. По побегнувањето, за време на неговата доцна адолесценција и раните зрели години, тој ги напишал неговите најпознати дела, но потполно престана да пишува на возраст од 21, по составувањето на едно од неговите главни дела, Илуминации.
Рембо бил познат како развратник и немирна душа, и бил во понекогаш насилна романтична врска со поетот Пол Верлен, која траела речиси две години.
По завршувањето на неговата книжевна кариера, тој патувал на три континенти како трговец пред неговата смрт од рак на возраст од 37 години. Како поет, Рембо е добро познат по неговите придонеси кон симболизмот и неговото дело Престој во Пеколот се смета за значаен претходник на модернистичката литература.
Иако сѐ што напишал е во период од само три години (од неговата 16. до 19. година), неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно, распространето и од непроценлива вредност.
Во негова чест ја претставуваме неговата песна „Париска оргија“.
Најверојатно напишана во деновите по Крвавата недела (21-28 мај 1871 година), оваа песна дава сатирична слика за обновување на буржоаскиот поредок во Париз.
Тој бил воодушен од победата на Комуната во Париз.
Париска оргија или Париз одново се населува
Стасавте никаквеци! Кон станиците јуриш!
Под сонцето ќе исчезне и последна следа
од булеварите кај што Варварите сури
беа. Светиoт западен град е сега пред вас!
Напред! Веќе пожарите во градот ги нема.
Булевари, кејови и куќи пред вас никнат
врз синилото, на кое една вечер темна
блесокот на бомби како рој од ѕвезди бликна!
Заковете ги мртвите палати во градот!
Стравот минат свежина во поглед ви става.
Еве, на вртиопашки придојдува стадо.
Лудувајте: суровоста смешен лик ви дава!
Бесни кучки што јадете преврски од рани,
напред во Златните куќи! Јадете и ријте!
Ноќта која сите страсни грчеви ги храни
излегува на улица. Пијаници, пијте
полни очај! А кога светлината ќе плисне
и, луда, раскошно крај вас ќе откопа азно,
вашата глава над чашка зар нема да висне,
лигавејќи се, со очи загледани в празно?
Испијте за Кралицата со газови дрочни!
Слушајте ги икањата глупави и остри!
Чујте како низ ноќите жестоки, без почин,
скокаат старци, лакеи, идиоти прости!
О срца валкани, усти ужасни и гнасни!
Мласкајте посилно, усти со смрдеи болни!
Дајте вино за овие зачмаени маси…
Победници, стомаците со срам ви се полни
Отворете ги ноздрите за мирисот гаден!
Отров врз јажето што шијата ја мазни!
Врз нашите детски глави раката ќе падне
на Поетот кој ќе рече: „О нека ве казни
лудилото, никаквеци, бидејќи на Жена
и копате низ стомакот, додека од врисок
и грч нејзин се плашите, да не и се кренат
рацете за да ве згмечат во ужасен стисок.
На таа курва Париз што можат да и сторат
-кралеви, шутови, сифилистичари луди-
сите ваши партали и отрови што горат?
Таа ќе ве стресе штом ќе почне да се буди?
И кога ќе паднете, со истурени црева,
барајќи си ги парите, вџашени и пришни,
црвената блудница градите ќе ги крева
воинствено, тупаници стегајќи си страшни!
Откако бесно си играл во танецот страстен
и откако со нож толку удари си добил,
сега лежиш, граду, а низ твојот поглед јасен
зракот на добрината пак одново се пробил.
Ги фрлаш, болен граду, од гроб што си се вратил,
кон Иднината двете дојки, убавата глава,
и отвораш врз телото милијарди врати
додека темното Минато благослов ти дава.
Кон себе маки големи како магнет влечеш
и од ужасниот живот ти одново пиеш;
низ жилите твои прилив модри црви тече,
во твојата љубов сплет од мразни прсти рие.
Тоа не е толку лошо. Црви, црви модри
здивот на твојот Напредок нема да го спречат,
како што Стрикс на Каријатидите бодри
не им го згасна погледот низ кој ѕвезди течат“.
И макар што си ужасно огрден од пакост,
и што досега не создал никој толку грубо
од еден град – смрдлив чир во Природата таков,
Поетот ти вели: „Слава на твојата Убост!“
Луњата те посвети, о поезијо врвна!
Огромното движење на силите те чува!
Ти вриеш; напразно смртта завидува стрвна!
Собери ги писоците во трубата глува.
Поетот липотот од Проклетниците будни
ќе го преземе, а од Робијашите – крикот;
со љубовен бич ќе удри по жените блудни.
-Крадци! – неговите строфи ќе го кренат викот.
-Општество, пак се е во ред: оргиите врват
низ јавните куќи, крикот претсмртен ги следи;
а гаснте светилки, врз ѕидот што е крвав,
кобно горат во бунило кон небата бледи!
Мај 1871
(препев Влада Урошевиќ)
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.