Литература Македонска поезија Поезија

Тогаш да си заминам – Лина Димоска

Да можев да проголтам
сè што чувствувам кон тебе,
ко што се голта виното,
ко што се голтаат соковите,
ко што се голтаат некои зборови
кои не сакаме да ги кажеме кога за тоа е време,
сега лесно ќе фатев за рака некој друг
и ќе се смеев
и ќе се радував
како некогаш со тебе.

Ама чувствата не се голтаат.
Застануваат некаде длабоко во грлото
и тежат.
И ти треба нешто за да ги поттурни,
вино, водка, ракија,
нешто, било што,
нешто што би ја намалило тежината,
нешто што би ја ублажило горчината.

И солзите не се голтаат.
Тежат како кнедла во грлото,
тежат и не мрдаат,
не ги ублажува ни вино,
ни насмевка,
ни лажна надеж,
ни капка страст,
ништо не ги ублажува
оти чекаат да бидат исплачени,
да не сакаа така
не би заспивале некојпат плачејќи.

И гордоста не се голта,
ниту се прекорува,
ниту се пресконува,
ниту се руши.
Тука е.
Стои меѓу нас како ѕид,
да не беше таа до сега сто пати ќе ти дојдев,
само за да ти ја плеснам една,
да ти ја плеснам онака, од кеиф,
а потоа да ти се изнасмеам
и да ти се изнаплачам в лице, пред тебе,
да те прегрнам цврсто
и да ти се потпрам на гради.
И пак да ти го почувствувам мирисот,
и да ми се наежи кожата.
И пак да ме изнервираш оти молчиш.
И пак да збеснам
и да те удирам силно.
Потоа да те погледам онака длабоко в очи
и да те прашам “Зошто?“,
онака наивно,
онака детски,
онака како што само јас знаам.
Да ти навираат и тебе солзи в очи.

Тогаш да си заминам.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје