Skip to content

За нас и сите наши – Анастасија Лефкоска

  • by

Ние сега. Млади, глупави, гласни и амбициозни, зафатени, но секогаш заедно, секогаш тука едни за други. Толку различни, но толку исти. Повици во три по полноќ, до пет изутрина, од зајдисонце до изгрејсонце, солзи илјадници, предавства, скршени срца лечени со алкохол и цигари, дочекани и испратени со Балашевиќ, Фреди и Тејлор. Заедно глупави, заедно отпадници, заедно искршени и заедно излепени, заедно пораснати, заедно насмеани, расплакани, распеани. Ние сега – покрај сѐ пријателство.

Ние за дваесет години. Веќе побелени, избрчкани, малку помудри, уште погласни, уште позафатени, но секогаш тука, сѐ уште заедно, сѐ уште повици до три по полноќ, до пет изутрина, понекогаш повторно расплакани, со прстени на домалиот прст фатени за рака, потпрени едни на други. Заедно сѐ уште глупави, заедно сѐ уште насмеани, побелени, распеани. Заедно на венчавки, на крштевки, заедно на родендени, на имендени. Заедно на првиот ден на училиште, заедно на Нова година, Божиќ, Велигден. Заедно, секогаш заедно, со нашите мини верзии, со љубовта до нас. Далеку. Далеку од параваните, далеку од тагата, далеку од борбата. Мечевите веќе предадени, веќе обесени, а гитарата во рака, распеани. Децата веќе заспани, ние заедно, повторно тинејџери, со сликите распослани со поемите напишани, искинати па залепени. Ние затрескани, сѐ уште луди и ненаспани, со по некој сед прамен на главата раскикотени, прегрнати, расположени, конечно исполнети.

Ние за дваесет години – смеа, среќа. Ние за цел живот – семејство.

Напишете коментар