Skip to content

Предлог книга за овој викенд: „Љубовта не старее“ од Атанас Тасевски

Книгата “Љубовта не старее“ од Атанас Тасевски е одличен избор за љубителите на љубовните приказни. Станува збор за збирка на раскази во кои се кријаат секојдневни љубовни приказни. Низ расказите има различни содржини: судбини, галерија од ликови, места и настани, но сите како се преплетуваат една со друга, па на крајот се добива впечаток дека сме исчитале еден цел љубовен роман.

Раскажувачот не влегува до крај во судбините на своите ликови, туку раскажува само едно парче, еден краток дел од нивниот живот и врз тоа гради јасна слика за емоциите на ликовите. Се добива впечаток дека ликовите во расказите се луѓе кои ги познаваме, кои живеат во нашето соседство или се разминуваме со нив додека шетаме низ градот. Низ расказите има многу тага и копнеж за животот кој не се остварил, за сонуваното, за посакуваното.

Низ книгата исчитуваме лирски прозни минијатури, што никого не го оставаат рамнодушен. За стилот на пишување може да се каже дека се движи на работ меѓу литературата и публицистиката, затоа што авторот долго време работел како новинар, публицист и писател. Прозата е свртена кон секојдневниот, обичниот и едноставен човек, а сепак е нешто посебно.

Овој есенски викенд искористете го за да допрете во секојдневните љубовни судбини на обичниот човек. Направете си топло кафе и уживајте во „Љубовта не старее“ од Атанас Тасевски.

Прочитајте го и овој предлог „Енциклопедија на мртвите“ од Данило Киш.

Напишете коментар