Грчка митологија Литература Македонска поезија Поезија

Молитва (на Артемис)

Уште се сеќавам на вечерта,
плачеше кога замина.
Гласовите болно одекнуваа небаре молеа за спас,
за парче сон,
за верзија на таа приказна во која не се растура еден дом.

Артемис…
немам друго што да запишам, доволно е само името да ти го споменам.

Артемис…
Нели ме слушаш вечерва?
Чувај се ѕвездо моја вечерна.

Артемис.. Артемис… Артемис…
Каде ли те снема?
Знам… грчките богови веќе ги нема ама ти постоеше… постоеше во мене, со мене..
Те зачував Артемис… Те зачував по падот за себе.
Стрелите ти висеа на ѕидот мој – до каминот, се сеќаваш?
Уште те слушам Артемис како ме преколнуваш,
како не спиеш а сепак, со мене сонуваш,
Артемис… врати се, остани..
ветувам, ќе те штитам од сите твои браќа – мртви богови.

Артемис не живеам, откако те снема не постојам,
секој ден ми е глув,
секоја вечер неминовен студ,
ко Персефона кога замина животов на Земјава е пуст,
Артемис откако те снема сонувам неспиејќи за Тартарус,
за Елизија не сакам ниту да помислам,
да одам таму по сите Земни гревови не заслужувам.
А и не верувам дека ќе ме примат кога ќе видат дека немам живот живеено туку шарада,
Артемис не можам јас со ова мое скршено срце да пијам кафе со Палада.

Артемис…
немам друго што да запишам,
доволно е само името да ти го споменам и знам дека ќе се вратиш,
знам дека од бездна црна ќе ме спасиш.

Артемис,
векови поминаа, умирам,
илјадници тела сменив досега само за да ти пишувам.
Немам веќе ни прибежиште, храмовите ти ги срушија,
појави се Артемис и со стрелите твои на оние што од историјата нѐ избришаа прободи им ја душата.
Па додека храмот ти го градам одново,
покажи им на лажните ловци
(меѓу останатото),
што значи да си Божица на ловот.

Артемис те колнам во љубените шуми твои, срни и волци,
во судбинските наши испреплеткани конци,
дај ми знак,
инаку јас ти се колнам нема друг ден златен да дочекам пак.

Уште се сеќавам на вечерта,
плачеше кога замина…
Од црните дупки на Хадес, па сѐ до Олимп горе в вис,
до крајот на времето додека не се врати ќе одекнува болно:
“Артемис…Артемис…Артемис…”

 

(На Артемис – 1)

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје