Литература Поезија Светска поезија

Доста ли беа зборови? – Руми

Како дел од светот го напушта светот?
Како може влагата да ја напушти водата?

Немој да гасиш оган
фрлајќи масло врз него!
Немој да миеш рана со крв!

И најбрзо да трчаш,
твојата сенка со леснотија те следи.
Понекогаш дури е и пред тебе!

Само изобилното сонце во својот зенит
ти ја укинува сенката.

Ама, таа сенка ти служеше!
Она што ти нанесува болка, те благословува.
Помрачувањето е твојата свеќа.
Твоите граници се твојата потера.

Можам да ја објаснам, но ќе се скрши
стаклениот капак на твоето срце,
и после нема поправање.

Мора да имаш сенка и извор на светлина.
Слушај, и спушти ја главата под стеблото на стравопочитта.

Кога од тоа дрво ќе добиеш пердуви
и крилја, биди потивок од гугутка.
Не отварај ја устата ни за едно гууууу.

Кога жабата ќе лизне во водата, змијата не може
да ја зграби. Потоа жабата пак се качува на брегот
и крека, и змијата пак ѝ се пушта.

Дури и кога жабата би научила да с’ска, змијата сепак
во тоа с’скање би препознаа
сè што ѝ треба – гласот на жабата оздола.

Но ако жабата може да остане сосем нечујна,
змијата ќе се врати на спиење,
и жабата може да стаса до јачменот.

Душата живее тука во бесшумниот здив.

А тоа зрно јачмен е такво што
кога ќе го ставиш в земја
расте.

Доста ли беа зборови,
или треба да цедам уште сок од ова?
А кој сум јас, пријателе?

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје