Напиши ми песна за неа – Лина Димоска

Напиши ми песна за неа,
јас и сите рози да и ги наберам,
малку се.
Ниту една роза на светот
не е нежна како нејзините бедра,
ниту една роза на светот
не мириса толку убаво
како што таа мириса,
ниту една роза на светот
не е толку трнлива
како нејзиниот поглед кога е лута.

Напиши ми песна за неа,
напиши дека е убава,
напиши дека нема поубава,
напиши дека сите длабочини на светот
се скриени во нејзините очи,
дека цела мистерија
се вгнездила во нејзниот поглед,
дека ништо на светот не е понежно
од нејзниниот допир.

Напиши ми песна за неа,
напиши дека хаосот на светот
живее во нејзината глава,
дека сите галаксии
се скриени во нејзините мисли
и дека нема позбунета
и поубава
и пољубопитна девојка од неа.

Напиши ми песна за неа
затоа што таа зборови сака,
а на светот нема таков збор
кој ќе ѝ каже
колку убава е,
колку посебна е,
колку единствена е.

Ете затоа,
напиши ми песна за неа.
Таа песна сака.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!