Вашиот глас Македонска поезија Поезија

Плачот на срната – Софија Петковска

На водопад жуборлив и пенаст
и на едно езеро тепсија.
Срна.
Срна моја малечка,
од ангели создадена.
Бадем очи,
топлина,
мелем за рана лута, солена.
На езерото таа милата,
ликот свој го гледаше.
Штом чекорот мој го наслушна
одот по лисјата суви,
веднаш главата ја крена,
се исправи,
оддалечи,
се исплаши,
стравот срцето и го раскопа
ко црвец во јаболко црвено.
Не плаши се, срно моја,
не бој се,
ѝ велев,
јас сум за тебе тука.
Та ѝ подадов рака,
ја помилував нежно,
а таа кутрата,
ја сврте настрана главата,
се засрами,
погледот од мене го скри.
Не плаши се срно моја,
не срами се,
ѝ велев,
око мое бадемово,
не бој се,
зарем не чувствуваш оти иста душа делиме?
Раскажи ми ги маките.
Ненадејно срната застана,
кон мене кроце појде,
ми дозволи да ја помилувам,
а погледот бисерни солзи.
Плачеше.
Тажно лелекаше.
Душата од корен се корнеше.
Зошто ли плачеш срно моја?
Црна ли дупка те проголта,
ил в жив песок душата ти заспа?
И пред да проговори кутрата,
не чекав ни минута повеќе,
ја стегнав на градиве,
во моето крило ја свив,
в прегратки чим потонавме,
сите камења во душите ги здробивме
и сета храброст и сила ко стакло ни се парчоса,
та токму тогаш ,
во таа топла и длабока прегратка,
се распаднавме,
а душата лесна ко пердув повторно ни се роди.
И мојта сила падна пред нејзините колена ничкум,
та на нејзиниот плач и се придружив јас со крик.
И јас со срната заплакав,
море од солзи сторивме,
а низ плачот утеха и давав
на увото и шепотев:
исплачи се,
полесен ќе е товарот кој на плеќи го носиш,
исплачи се, срно моја,
нека низ солзите излезе болот,
зарем не гледаш дека не е случајно,
што утеха бараш во друштвото мое?
И тогаш срната прозборе:
девојко, мила, убава,
од ангели создадена,
Седеф бел си.
Дојде при мене,
маките да си ги кажеме.
Душата ми ја растопи,
срцево ми го зацели.
Не сакам да тагуваш,
среќна биди ми довека.
Ти мене иљач за маката,
јас тебе дар благословен.
Сетне кажи ми ја ти мене желбата,
јас да ти ја исполнам.
Тогаш јас на срната и реков:
Срно моја убава,
костен поглед,
душо невина,
ништо скапоценост не сакам.
Нит ми требаат сребрени лири,
нит ми треба везен чаршаф,
нит ми требаат ковчези злато.
За мене ти,
песна запеј,
гајда се стори,
срцево да заигра,
животот музика да биде.
А потем,
харфа стори се ,
нежни ноти засвири,
животот мир и спокој да биде.
И сосем на крајот,
камин со цепеници суви стори се,
тело да стоплам,
костени да испечам
душа и срце да насладам,
во огнот да се заљубам,
животот љубов да е.
Софија Петкоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје