Уметноста многу пати вежбала апокалипса и нудела различни верзии на судниот ден, но заради Чернобил со сигурност знаеме дека животот е многу пострашен писател. Низ своето перо, Светлана Алексиевич ги доловува чернобилските приказни кои никако не смеат да бидат премолчени или заборавени. Авторката е родена во Украина во 1948 година. Добитничка е на многубројни награди, меѓу кои и Нобеловата награда за литература во 2015 година. Творец е на сосема нов жанр – нефикциски жанр.
Низ “Чернобилска молитва“, авторката ги доловува потресните случувања на луѓето, погододени од најголемата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото. 26 април 1986 година во Припјат и во нуклеарната централа во Чернобил е навидум еден обичен работен ден, кој воопшто не изгледал дека би можело да оствари некаква трага во историјата. Низ каталогот од траумите на луѓето, раскажани во оваа книга, се добива впечаток дека голем дел од луѓето не биле свесни за она што се случува.
Група на луѓе играле под радиоактивниот јаглен кој паѓал во Припјат како снег. Мажите со особена чести и задоволство прифаќале да учествуваат во ликвидирањето на штетите од катастрофата. Луѓето од зоната за евакуација не сакале да си заминат. Имало и такви кои со себе носеле еден куп предмети и облека кои зрачеле смрт. Страв од повторна војна, несвесност, теории на заговор дека сето тоа е зготвено од непријателот се дел од записите во оваа молитва. Трагични приказни, прерано завршени љубовни приказни, еден куп неостварени желби и сништа се плод на катастрофата.
Оваа книга е дефинитивно книга по сечиј вкус – за сите љубители на вистинските приказни, за сите љубители на приказните за апокалипса, за сите љубители на семејни драми и љубовни приказни. “Чернобилска молитва“ е книга за сечија полица и вредна за секој миг минат читање на истата.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.