Skip to content

Ноември со мирис на темјанушки

Започна како што започна. Детски. Во еден студен, невообичаен ноември пред многу години. Никогаш претходно и никогаш потоа во ноември немав почувствувано мирис на темјанушки, ама во тој наш ноември ме демнеше секаде каде што ќе одев. Верувај ми, пробував да избегам, да се врзам себеси со ланци и да не зачекорам кон тебе, ама нешто ме влечеше. Нешто секогаш ме влечеше. Ако го вратам филмот можеби и ќе успеам да сфатам што беше тоа што само кај тебе го пронајдов, што беше тоа што ме уништи потоа за сите останати и ме натера да ги пропуштам сите возови и да останам сама цел живот. Ако го вратам филмот, ако премотам свесна сум дека повторно ќе се изгубам и дека повторно старите рани што се преправам дека не постојат ќе приметам како крварат. Некои спомени едноставно не се чепкаат – тоа го научив со текот на времето. Ништо друго.

Не знам искрено што друго да запишам, ниту пак зошто рацете ми се збрчкани и треперат. Уште го носам прстенот, знаеш? Го носиш ли и ти мојот ко што вети? Можеби и не е битно сега, ама сепак, сакам да верувам дека го носиш со себе тоа делче од мене.

Заборавив, свесна сум дека заборавив сѐ (барем во овие мои луцидни моменти), заборавив сѐ освен тебе и тој студен, обвиен во темјанушки ноември. Вредеше ли? Ако ме прашаат ќе кажам секако дека да, изгубив сè, јасно ама, душата ми остана, претходно беше распарчена, а сега закрпена. Најверојатно тоа се случува кога ќе доживееш љубов како нашата. Нејсе, ноември е пак по цели шеесет години. Од балконот на домот повторно по шест децении почувствував мирис на темјанушки и повторно по шеесет години зедов пенкало в раце. Треперливо ама јасно, на чудење на сестрите, ти го испишав името, името на хартија, а сè ова останато во главава…

На прашањата молчам, зошто искрено не знам уште колку ќе можам да зборувам. Сè уште сум на балконот, ги слушам сестрите како мрморат меѓусебе. Во далечината ги гледам брановите како удираат во копното. Немирно е денеска морето. Исто ко очите твои таа вечер кога се спакував и заминав. Горчлива вечер. Проклета вечер. Ама морав. Така беше најдобро за сите. Знаев дека ќе ми простиш, знаев дека ќе разбереш. Се расплака. Се расплакав. Ме прегрна и низ солзи промрморе:

“Нема да ме заборавиш нели?”

“Нема.”

“Ветуваш?”

“Ветувам.”

И еве сум. Ги имам осумдесет. Седам и молчам и името не си го паметам, ама затоа твоето одвреме – навреме го довикувам и запишувам.

Зошто ветив и навистина не заборавив.

Љубов,

Се надевам дека каде и да си, ти мириса ноември на темјанушки.

Извадок од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар