Јаболко – Виктор Кадинец

Ех, да знаеш колку некој мисли на тебе.
Ех, да рипниш во бунар полн со желби.
Две да ти дадат да одбереш,
една да ти бидам.

Трепката да ти заигра,
веѓата да ти ја разбуди.
На окото видик да ти бидам,
во маглив шепот на увце да ти вреснам,
да збеснам нафрлан од коприви,
како р’кулец на срцето да ти се всадам.
Да те вадам од такт.
Да ме фатиш за лакт.
Да речиш:
“Од две желби една си ми,
една да ти бидам,
како еден што си ми ти”.

Па да те однесам во полјана цветна.
Да ти редам китка,
во жуборот на гласот твој.
Да те фатам во мисла како јаболко крадеш,
од дрвото кое немало надеж.
Па да ти речам:
“Ајде скини, сакам и јас”.
Да се насмееш и да викниш на цел глас:
” Те сакам и јас”.
А ме слушна дека барав јаболко.

Виктор Кадинец

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!