Односите помеѓу родителите и нивните возрасни деца може да бидат содржајни кога на нив вистински се работи. Меѓутоа, многу често, старите навики на зборување и комуникација застануваат на патот на создавање и одржување здрави и полни со разбирање односи. Следуваат пет совети како да ги подобрите.
1. Зборувајте како возрасни
Со оглед на децениите поминати во меѓусебна комуникација, родителите и возрасните деца ризикуваат да бидат вовлечени во комуникациски шаблони што не се соодветни за возраста. Возрасните деца може да се однесуваат и да зборуваат на начин сличен на оној како кога биле многу помлади, особено во конфликтни ситуации. Од друга страна, родителите може да му се вратат на начинот на кој комуницирале со нив кога биле деца, особено преку несоодветни барања и совети што никој не ги побарал од нив. Во такви случаи, родителите и децата може да направат чекор назад, убаво да размислат и да разговараат како возрасни.
2. Преземете одговорност за меѓусебните односи
И родителите и возрасните деца се одговорни за формирањето, одржувањето на односите и контролата над нив. Пред сѐ, се мисли на иницирањето контакти, компромисите и преговорите, како и на наоѓањето заемно пријатни начини на одржување на односите. Кога детето или родителот се чувствува привилегирано и едноставно смета дека другиот треба да вложи напори за одржување на односите, тоа може да резултира со негодување и чувство на подреденост.
3. Научете се на конструктивни конфликти
Неконструктивните и нездрави конфликтни стилови може да се оформат во детството и сѐ уште да бидат присутни, со оглед на тоа што честопати е тешко да се погледне на нив со поинаков пристап. Намерното молчење, пасивно-агресивното однесување, жестоките расправии, игнорирањата, и префрлањето на вината се само дел од разорувачките шаблони што даваат спротивен ефект. Преземањето зрели чекори при ваквите конфликти може да им даде нова, поконструктивна димензија на односите, но само ако сите што учествуваат во нив направат конкретни усилија и покажат љубопитност за тоа зошто семејните расправии и натаму се случуваат, со што ќе решат да ги научат и новите начини за тоа како може да се биде заедно.
4. Почитувајте ги туѓите граници
При нарушувањето на границите што ги поставуваат двете страни, и родителите и децата може да негодуваат и да чувствуваат огорченост. Родителите мора да одлучат каков пристап до информациите за нив ќе имаат нивните возрасни деца, како и за нивото на поддршка што се подготвени да ја дадат. Возрасните деца, мора да го определат нивото на приватност, како и тоа колкаво вмешување од родителите е прифатливо, особено во поглед на кариерата, врските, начинот на живеење и финансиската состојба. Ако родителите и децата сакаат да ги подобрат неглатките односи, тогаш мораат, и тоа не еднострано, да направат анализи за тоа колку добро ги почитуваат соодветните граници.
5. Прифатете ги повратните информации
Односите се зацврстуваат кога двете страни имаат волја да ги прифатат повратните информации едни од други. На пример, родителот може да му каже на своето возрасно дете да не се јавува доцна навечер, да изрази фрустрација и негодување кога се употребува телефон за време на разговорите очи во очи. Од друга страна, возрасното дете може да му каже на родителот какви теми за разговор претпочита да се избегнуваат, или да го замоли да го промени тонот за време на разговорот. Прифаќањето повратни информации е едно од најважните нешта за одржување здрави односи, и подразбира прифаќање одговорност за нештата што ја повредуваат или вознемируваат другата личност.
Промените не се лесни
Сиве овие подобрувања изискуваат и од родителите и од децата, да размислат за меѓусебните односи и да си постават себеси прашања од типот: „Дали ова ми одговара?“, „Што можам да сторам за подобрување на односите?“, „Дали некои стари начини на комуникација се веќе надминати?“ Многу полесно е да се одржи статус кво, дури и кога истиот води до препирки и фрустрации. Промената е секогаш потешкиот избор, но исто така, е и најбрзиот начин за достигнување поголемо задоволство во односите.
Сара Епстин, лиценциран терапевт за семејство и брак
Превел од англиски: Симеон Јанков