Сѐ уште се сеќавам на неговите зборови, иако одамна ги бев слушнал. Седев таму збунет, исплашен како да се наоѓам на голем крстопат, а не знам по кој пат треба да тргнам. Ја стави раката на моето рамо и рече:
-Не плаши се да погрешиш, тоа е животот. Треба да издржиш и да бидеш уппорен. Да го живееш животот е исто како да играш табла. Имаш коцки за фрлање и шест капии кои сакаш да ги освоиш. Две од нив се најважни, рајската и царската капија. Најважно од сѐ е да не брзаш, една по една да ги освојуваш.
Во фрлањето коцки нема никаква случајност, сѐ зависи од тебе. Со каква енергија ќе ги фрлиш, каква мисла, каква сила ќе употребиш. Користи ја фантазијата секогаш, сонувај. Знај таа е еликсирот на секоја игра. Кога ќе ја освоиш рајската капија знај дека си ја освоил најубавата. Тогаш сигурно во твојот живот ќе ја има љубовта.
Коцките се судбината која ја држиш во твоите раце и сѐ што ќе се случи, каков ќе биде исходот зависи само од тебе, од среќата и вештината. Нема лоши коцки само лош играч. Кога изгледа безнадежно ја менуваш тактиката, ризикуваш играш смело.
Само верувај во коцките, верувај во своето фрлање.
Сега ти фрлаш мајсторе – ти одлучуваш. И запомни кога ќе ја освоиш царската капија значи си ја остварил својата цел во животот и тогаш можеш да почнеш одново да мечтаеш. Oдново да играш, да губиш, да постоиш сега и секогаш.
Марина Марковска