Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Тромб – Виктор Кадинец

Сакам да ти ја тестирам душата.

Нешто заразно да не носиш,

штом вака како експеримент ме косиш.

Сакам да ти земам една епрувета од болката,

да ја внесам во себе,

да ја поносам.

Како сениште да ме гони.

Сакам да ти земам од крвта ладна.

Да ме заледи и мене.

Да видам како е при очи да не гледаш сонце.

Како тутка да се згрутчам.

Да ми бидеш тромб во срцево.

Да го затниш.

Да го пресечиш,

небаре труп на патолошка маса.

Дисекција да ми направиш на душава.

Дезинфекција на мисливе со алкохол до точка.

Сакам да ме прободиш со поглед.

Да ја покосиш тишинава,

во молк траен да ја сториш.

Туршија да ми направиш од надеж,

која никогаш не ми ја даде.

Абе сакам еве да ме отвориш,

да ме столчиш.

Ама ти молчиш и ме гледаш.

Ми даваш вештачко дишење,

ме оживуваш и пак ме умираш.

А сакам…

да те чекам на клупата и од старост да умрам.

Со прикриена насмевка и старски очи да ти речам:

“Жив сум уште.

Може ли сега да те гушнам.”

Виктор Кадинец

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје