Пукај ми во срцето – Софија Величковска

Ајде пукај ми во срцето,

тоа е барем оној најчист и најискрен

дел од нашето тело.

И гола сум, гола ко од мајка родена,

горделива и достоинствена,

а сепак сега гледам само во подот,

гледам во под каде се залепиле

кристално проѕирни солзи,

мои солзи,

само не знам зошто не престануваат

кога ние ќе сакаме да престанат

и зошто не плачеме кога ние ќе

посакаме да плачеме,

горки се,

жешки се,

а тишината сѐ погласна и погласна станува,

тишината нѐ убива,

пукај ми во срце тишино,

само тоа остана,

во оној лавиринт полн

со крвожедни луѓе,

ти си најгласната,

сакаш срцата да ни ги оглувиш,

да си заминеш сакаш,

како што дојде, така сакаш да си заминеш.

И знаеш, ако од љубовта до мразењето

има толку малку,

би сакала да ме мрзиш најмногу на светот,

ако од оваа солза до твоето срце

има барем тронка чувство,

би плачела со месеци,

би плачела со години,

понекогаш, така,

ќе те трогнат некои мисли,

некои прашања,

а душо, ти не можеш

да им одговориш,

не можеш,

единствено што ти останува

е да заплачеш,

да ја скршиш тишината,

да запееш,

да плачеш и да пееш,

таа не урнисува,

сака да ни ја сруши хармонијата.

Молчиш.

Молчам и јас.

Можеби така е попаметно.

Можеби…

А јас би сакала да си тука,

како оние стари денови,

да ме гушкаш

и да не ѝ придаваме значење на болката,

да не постои,

кротки сме и невини,

а минатото ни ја глави судбината,

бакнежите ни се студени,

не ја чуствуваме онаа горештина в гради,

само сокриј се покрај мене,

ветрот ништо не ти може,

гушни ме околу вратот,

се спрема одвратна тишина,

барем тој степен на понижување

да не го почуствуваме.

Каде ќе одиш сега мое небо,

се вртиме во круг,

никаде не можеме еден без друг,

се вртиме во круг,

каде сега да одам моја ѕвездо

кога се вртиме во круг, каде?

И тагата никогаш не доаѓа случајно,

та ко пустина нѐ голта,

не, не е случајно,

никогаш ништо не е случајно,

сѐ е завера на судбината,

сѐ е пустош на тишината!

Софија Величковска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?