Занимливости и информации Литература Писатели и поети Поучни приказни Странски автори

Јајце – Енди Вир

“Јајце” од Енди Вир е кратка, наградувана приказна. Објавена е во 2009-та година на неговата Веб страница и оттогаш е преведена на повеќе од триесет јазици.

Лично е една од моите омилени приказни и ми беше криво што луѓе кои не го зборуваа англискиот јазик не можеа да ја прочитаат па, затоа си дадов за задача колку – толку да ја преведам.

Уживајте.

Беше тргнат накај дома кога почина. Сообраќајна несреќа, ништо специјално, но сепак фатално. Зад себе остави жена и две дечиња. Болничарите дадоа сѐ од себе за да те спасат, но попусто. Телото ти беше толку унакажано што вака е подобро, верувај ми.
И тогаш ме запозна мене.
“Што… што се случи? Праша.
“Умре.” Реков без двоумење. Немаше потреба да се ублажат зборовите.
“Имаше…камион… се зализга. ”
” Мхм. Ама немој да се чувствуваш лошо. Сите умираат. ” Реков.
Погледна наоколу. Во едно големо ништо бевме само јас и ти.
“Какво е ова место?” Праша. “Ова ли е задгробниот живот?”
“Така нешто,” Реков
“Ти ли си Бог ?”
“Да,” одговорив. ” Јас сум Бог. ”
” Децата… жена ми, ” рече.
” Што тие? ”
” Ќе бидат добро?”
“Е ова сакам да го видам,” реков. Само што умре а главната грижа ти е семејството. Тоа е тоа.”
Фасциниран, ме погледна. Не ти личев на Бог. Личев на некој си човек или можеби жена. Можеби бледа авторитетна фигура. Повеќе личев на професор по граматика отколку на нешто Божествено.
“Не се грижи, ” реков. “Ќе бидат во ред. Децата ќе те паметат како совршен во секој поглед. Немаа време да пораснат презир кон тебе. Жена ти навидум ќе плаче, а во себе ќе ѝ олесни. Да бидеме фер, бракот ти се распаѓаше. Ако ти е некоја утеха, ќе се чувствува ептен виновно за тоа што ќе ѝ олесни. ”
“Ох” изговори. ” Што ќе се случи сега? Ќе одам во рајот, пеколот или нешто сосема трето?”
” Ништо од тоа, ” реков. “Ќе бидеш реинкарниран.”
“Ах, ” изговори. ” Значи Будистите беа во право.
“Сите религии се во право на свој начин” реков. “Ајде да прошетаме.”
Застана во чекор со мене додека се движевме низ празнината. “Каде одиме?”
“Никаде,” реков. “Едноставно убаво е да прошетаме додека зборуваме.”
“Тогаш што е поентата?” праша. “Кога ќе се преродам повторно ќе бидам празна табла, така? Бебе. Па сите мои искуства и сѐ што имам направено во овој живот нема да се важи.”
“Грешка си! ” Реков. “Во себе го имаш сето знаење и искуства од сите твои минати животи. Само во моментов не се сеќаваш на нив.”
Застанав и те допрев по рамењата “Твојата душа е толку величенствена, убава и огромна што не можеш ни да си го замислиш тоа. Човечкиот мозок може да содржи само мало делче од она што всушност си. Тоа е исто како да си го ставиш прстот во чаша вода за да провериш дали е топла или ладна. Ставаш само мал дел од себе во ова, да го наречеме еден вид на возило и кога излегуваш од него веќе ги имаш добиено сите негови искуства.
Во последните 48 години си човечко суштество па затоа си ја немаш толку проширено свесноста. Ако останеме тука уште малку ќе почнеш да се сеќаваш. Но нема поента тоа да се прави измеѓу секој нов живот. “
“Колку пати се имам реинкарнирано?”
“Ох премногу. Илјадници и илјадници пати во илјадници други животи.” Реков. “Овој пат ќе бидеш селанка во Кина во 540 година од н.е.”
“Чекај, што? “ пропелтечи. “Ме враќаш назад во времето?”
“Па, технички да. Времето какво што го познаваш ти постои само во твојот универзум. Работите се поинакви таму од кај што доаѓам јас.”
Од кај што доаѓаш ти?” праша.
“Ох секако, ” објаснив. “И јас доаѓам од некаде. Некаде другде. И има и други како мене. Знам дека ќе сакаш да знаеш како е таму ама искрено, не би можел да разбереш. “
“Ох, “ рече, малку разочаран. “Ама чекај. Ако бидам реинкарниран во други времиња, на други места, сигурно би можел во некој период да стапам во контакт самиот со себеси.”
“Секако. Се случува постојано, но со оглед на тоа дека двете единки се свесни само за својот живот не ни го приметуваат тоа. “
“Па што е тогаш поентата?”
“Сериозно?” прашав. “Сериозно? Ме прашуваш за смислата на животот? Не е тоа малку стереотипно?
“Па, разумно прашање е,” навалуваше.
Те погледнав во очи. “Смислата на животот, причината зошто го создадов овој цел универзум е за ти да созрееш. “
“Мислиш човештвото? Сакаш ние да созрееме? “
“Не, само ти. Го создадов овој цел универзум само за тебе. Со секој нов живот ти растеш и созреваш и стануваш сѐ подлабок и поголем интелект. “
“Само јас? А што е со останатите? “
“Нема останати,” реков. “Во овој универзум сме само јас и ти. “
Ме гледаше празно. “Но сите луѓе на Земјата… “
“Сите се ти. Само поинакви твои верзии.”
“Чекај. Јас сум сите?!”
“Ее конечно сфаќаш,” реков тапкајќи те по рамото за успехот.
“Јас сум секое човечко суштество што некогаш живеело?”
“Или ќе живее, да.”
“Јас сум Абрахам Линколн?”
“И Џон Вилкес Бут исто така,” додадов.
“Јас сум Хитлер?” рече згадено.
“И милионите што ги убил.”
“Јас сум Исус?”
“И сите што го следеле.”
Занеме.
“Секогаш кога имаш малтретирано некого,” реков “всушност се имаш малтретирано себеси. Секое добро дело што си го направил, си го направил себеси. Секој среќен и тажен момент искусен од било кое човечко суштество, бил или ќе биде искусен од тебе.”
Долго време размислуваше.
“Зошто?” ме праша. “Зошто сево ова?”
“Затоа што еден ден ќе станеш како мене. Затоа што тоа и си. Ти си од мојот род. Ти си мое дете.
“Леле,” изговори зачудено. “Сакаш да кажеш дека јас сум Бог?”
“Не. Сѐ уште си фетус. Уште растеш. Кога ќе ги изживееш сите човечки животи низ најситните делови на времето, ќе пораснеш доволно за да бидеш роден.
“Значи целиот универзум, ” рече, “е…”
“Јајце.” Одговорив, “ сега време е да продолжиш во твојот нов живот. “ реков и те испратив.

Превод: Анастасија Лефкоска 

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје