Пат – Виктор Кадинец

Знаеш дека сите песни ги пишувам

со цигарата во рака.

Само тогаш си со мене како

неограничена консумација на новогодишна забава.

Помислувам некогаш како си,

дали си добра,

кај те носи ветарот низ времето.

Како преживуваш во ова битие на лажни пророци.

Помислувам дали помислуваш на мене.

Не знам,

некогаш мислам и дека си замислувам.

Дека ете така се глупирам како некој тинајџер.

Не знам што ми е водилка во овај пат.

Знам само дека можам да бирам патишта.

А го бирам твојот пат секогаш.

Ме привлече твојата болка,

твојата замисленост,

неверувањето.

Имаш некоја мистичност,

невообичаена,

ретка.

Другарите-ките ми викаат заљубен сум бил.

А не знаат дека патот до љубовта како библија е.

За да ја осознаеш не треба само да ја прочиташ.

Треба да ја патиш.

Меѓу редови да ја читаш.

Ете така со мижење.

Не дека јас сум месија,

а ти распната.

Туку дека јас сум онај дел кој ти недостига

во твојата слика и ти во мојата.

Она слика во која срцето гори и се смее.

Од среќа.

Одам по твојот пат.

Не за да те стасам,

туку за да те спречам да продолжиш по него.

Да те сопрам,

да те фатам за рака и да ти речам:

“Малку каснам, но тука сум”.

И да ти родам насмевка,

а прегратка ти мене.

Љубовта и короната имаат нешто заедничко.

Доаѓаат неочекувано.

Колку и да се пазиш,

додека чекориш,

по овај пат.

“Малку каснам, но тука сум.” – ти реков и те фатив за рака.

Корона не сум, љубов ќе сум.

Виктор Кадинец

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!