Ти мене (не) ми рече – Благица Ангеловска

Ти мене ми рече:

„Кога ќе ти недостасувам

погледни онаму горе во ѕвездите,

од нив ќе чуеш колку љубов

чувам во мене само за тебе,

та ќе ти се заколнат за верноста

единствена за тебе под небото

сѐ до крајот на срцебиењето.“

 

И така ти мене ми рече:

„Кога ќе посакаш да сум до тебе

погледни кон небото полноќно

и посегни по букетот од ѕвезди

набран од мене само за тебе

за да ти ја осветли душата во ноќите

без мене крај тебе,

па тогаш ти ќе знаеш дека никогаш не си сама,

зашто така свиен во прегратка ме имаш мене

и ќе го почувстсвуваш допирот мој

исполнет со копнеж само за тебе.“

 

Но, ти мене не ми рече

што да направи оваа душа

кога ќе погледне кон небото

во ноќта каква што е оваа,

без ѕвезди, глувонема страдалничка,

па кој ќе се колне од тебе за мене,

кој ќе ми шепоти љубовен стих,

кој ќе ми буди копнеж тих,

кој ќе ме прегрне цврсто,

кој ќе ми бакнува рането место,

кој ќе ми исполнува мисла,

кој ќе ми смислува смисла.

 

И така ти мене ми рече сѐ,

освен што не ми рече

како понатаму без тебе,

во ноќта што жали без ѕвезди

заедно со истиот здив со мене.

Благица Ангеловска

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!