Предлог книга – Подрумите на Ватикан од Андре Жид

Подрумите на Ватикан (француски: Les caves du Vatican) — роман на францускиот писател Андре Жид од 1914 година. Романот, со поднаслов „Сотија“ (поджанр во француската средновековна драма со пародиски карактер), му е посветен на Жак Копо.

Лафкадио, еден од ликовите во романот, патувајќи накај Рим, го дели купето со еден постар господин, Амеде Флерисуар. Додека Лафкадио го набљудува старецот, наеднаш добива апсурдна идеја: Држејќи ја рачката на купето со раката, само треба накратко да ја повлече за да го истурка надвор и старецот да се изгуби во ноќта. Многу е сигурно дека никој нема ни да го слушне неговиот крик.

Ова можеби звучи на несреќна случка од некоја црна хроника, но и поставува едно метафизичко прашање на кое тешко може да дадеме одговор: „Дали едно кривично дело може да биде направено без некоја посебна причина? “

Главниот јунак на ова брилијантно дело воден од идејата на „беспричинско дејство“ (acte gratuit) си дава себеси апсолутна слобода, надвор од сите морални норми, извршувајќи злосторство коешто е цел на самото себе.

Романот се состои од пет книги:

  1. Антим Арман-Дибуа
  2. Јулис де Бараљул
  3. Амеде Флерисуар
  4. Стоногалка
  5. Лафкадио

Дејството на овој роман е сместено кон крајот на 19-тиот век, во Париз и Рим. Група лажговци ги користи озборувањата дека Папата е киднапиран и заменет со измамник, за да извлечат пари од наивните верници. Следува вистински поход за спас на понтифот, кој привлекува плејада од ликови, различни и спротивставени едни на други, а нивната комбинација доведува до низа необични настани. Преводот на Елисавета Поповска на ова дело во 2010 година ја доби наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод од француски јазик.

Дело кое вреди да го прочитате и треба да биде дел од вашата семејна библиотека.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!