Вашиот глас Литература Расказ

Вистината за кловнот Вадим – Силвана Панева

Јас се викам Вадим и со години работам како кловн во познат циркус. Сакам да ви зборувам за златните години на циркусот, за времињата кога нашите настапи ги гледаше публика од седум до седумдесет и седум години. Ех, тоа беа времиња!

Денес посетеноста е мала, но дечињата продолжија да ги сакаат кловновите, постојано ме канат да им ги разубавам родендените, понекогаш и во домашни услови.

Пораснав во циркусот зашто моите родители беа скротувачи на диви животни, а јас од секогаш мечтаев да бидам познат артист на трапез. Макотрпно работев и не се штедев. Кога потпораснав во мислите веќе се видов како девојките се восхитуваат на моите бравурози и перформанси во височина. По неколку години навистина го живеев сонот, бев еден од надежните артисти, партнерка на трапезот ми беше најубавата девојка што ја познавав. Не помина многу време и се вљубивме еден во друг, таа имаше доверба во мене, понекогаш со поглед се разбиравме и правевме неверојатни акробации. Можам да кажам дека бевме најубавиот пар во циркусот. Хм, не ме гледајте сега, тогаш и јас бев убав, млад и вљубен….

Нашата љубов траеше неколку години, купив прстен и бев убеден дека ќе прифати да биде моја жена. Полн со возбуда ѝ го дадов прстенот а таа со солзи во очите ми кажа:

– Извини Вадим, многу те сакам, но добив брачна понуда од многу богат човек. Донесов одлука со него да се омажам, иако не го сакам. Не можам да живеам повеќе вака, овој живот е полн со опасност и неизвесност. Сакам да живеам во куќа и да бидам на сигурно, ми здосади да бидам номад во одвратните приколки. Убаво знаеш колку е студено во зима а топло на лето!

Тогаш доживеав шок. Таа се сврте и си замина, а јас останав уште долго да ги анализирам нејзините зборови. Мислев дека убаво ја познавам мојата Наташа, сепак имаше голема вистина во тоа што го кажа. Навистина не можев да ѝ обезбедам удобен и спокоен живот, не знаев за друг и бев убеден дека и таа сака да живее така. Веројатно не го познавав доволно женското срце, бев огорчен и си ветив дека никогаш повторно нема да се вљубам.

По нејзиното заминување, ништо повеќе за мене не беше исто, како ѓаволот да ми ја однесе радоста а тагата и очајот станаа мое секојдневие. Немав желба да застананам на трапезот, а одвреме – навреме ми доаѓаа суицидни мисли „ќе скокнам од голема височина и нема да ја поднесувам тагата што ми ја пара душата“. Но, бргу се откажав од глупавиот план, си помислив: “Што ако останам жив и бидам заробен во кревет?”. Животот ми се преврте наопаку и не знаев што да правам понатаму.

Управителот на циркусот ми понуди да бидам кловн, без волја ја ставив маската на кловн, и види чудо. Од несреќен се претворив во среќен човек. Можев и да плачам под маската, а никој да не го забележи тоа. Мојот живот сосема се смени, порано им се смеев на кловновите велејки дека ја работат најглупавата работа во циркусот. Не мислев дека животот ќе ми приреди толку непријатно изненадување, но едноставно ќе ти тргнат работите по удолнина и не можеш да се справиш.

Подоцна имав други девојки, но ниту една не ја засакав искрено. Моето срце беше оковано како во санта мраз. Како минуваа годините бев убеден дека животот ќе го поминам сам и никогаш нема да имам свои деца. Знаев дека нема надеж во подобро минато, дека животот се живее денес и без многу планирање се мисли на иднината. Бев свесен дека Наташа не е единствената девојка на овој свет, сепак моја беше одлуката да живеам од спомените во минатото.

Со циркусот пропатував низ безброј земји настапувајки како кловнот Вадим. Плакатите со мојот лик одамна се заштитен знак на циркусот, а децата секаде исто ги сакаат кловновите. Научив со голема посветеност и љубов да бидам добар кловн, конечно престанав да жалам за шансата што ја испуштив и не станав светски познат артист на трапез. Но, кога една врата се затвора, веројатно некоја друга почнува да се подотворува. По долги години беспотребни анализи, не сум заробеник на минатото и секој ден го живеам како да ми е последен.

Потрошив голем дел од животот во самосожалување и копнеж по жена која одамна е туѓа. Не посакав да ја видам повторно и се надевам дека е многу среќна.

Иако не оформив свое семејство и немам деца, не сум тажен и депресивен. Доволно е да го облечам костумот и да бидам кловнот Вадим, тогаш насмевките и среќните лица на безброј деца ми ја стоплуваат душата. Всушност, сите деца барем на еден час се и мои деца. Едно знам, додека ме држат нозете ќе постои и кловнот Вадим, ние со децата имаме сериозна работа. Јас, уште илјадници деца имам должност да насмеам, а тоа не е мала работа. Нели!

Силвана Панева

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје