Занимливости и информации Литература Македонски автори Мисли и цитати На денешен ден

Горан Стефановски: „Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“

Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 – Кантербери, Велика Британија, 27 ноември 2018) е македонски драмски писател. Тој зазема значајно место во современата македонска книжевност и се смета за најистакнат македонски драматург во периодот по Војдан Чернодрински.

Во 1979 година ја напишал својата најпозната претстава „Диво месо“, која досега доживеа петнаесет продукции низ цела Европа, вклучително и Лондон и е во наставниот план за средните училишта во Македонија.

Две години подоцна „Лет во место“ ја имал својата прва изведба, претстава што се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот деветнаесетти век и идентитетот на нацијата. Со тоа Стефановски пораснал во очите на неговите сонародници ширум светот.

Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре.

Цитати од Горан Стефановски

Споделуваме неколку негови цитати од неговите култни драми во негова чест. Тој го напушти овој свет пред точно две години, оставајќи зад себе непроценливо богатство за македонската книжевност.

Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино. “ („Диво месо“)

„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.“ („Жив човек“)

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. “ („Тетовирани души“)

„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.“ (Приказни од дивиот Исток)

„Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ (Лет во место)

„Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас!“ („Диво месо“)

„Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење! “ („Диво месо“)

„Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.“ (Конзервирани импресии)

Прочитајте ги и Индиските народни поговорки и изреки кои наоѓаат примена во нашето секојдневие.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје