Литература Проза

Воздишка што пркоси

Многу често ја слушаме старата позната „колку е мал светот“, а никој не се запрашал каде е коренот на изговореното.
Кога некој би ме прашал како гледам на себеси, не можам да изоставам една мисла. Себе си се гледам како облик кога е продуктвен. И во такви случаи – ја отколнува амплитудата на синусоидата со поголем наклон.

Со толку стрмен залет чиниш го освојува светот. Сѐ што прави е: ги исполнува своите потреби и разубавува нечиј ден. Привид кога гледа пасивно и ниту ја придвижува амплитудата ниту нешто му ги раздвижува сетилата. Тој облик во такви моменти помислува дека светот се движи, а тој застанал во една точка и мирува.

Заборава дека секој облик е со цврста контура, не е сенка ни привид. Ниту ќе биде додека постои средината во кој тој константно затреперува нечии срца. И тоа такви кои доживуваат аритмија на секој негов минимален отколон, а нив секогаш ќе ги има.

На светот му се восхитувам поради две причини. Првата секако потекнува од неговата хетерогеност во која циркулираме ние, како голем број на разредени гасови кои сме си потребни едни на други. Другата  причина лежи во фактот што и покрај големата маса на луѓе, ние никогаш не прескокнуваме да се сретнеме со познат човек и тоа најчесто не по наш план. Едноставно – се случува.

И тука јас, како единка на овој голем, а воедно мал свет, не можам, а да не се соочам со една мисла. Кога човек се обидува пребрзо да го изоди патот и моментно да прескокне сто планини, исходот што ќе го чека на крајот е истиот како и човек кој мирно го поминува тој процес. Патот ќе биде пропратен со познати места и личности кои нема ни да бидат забележани…

Во животот, а посебно во дваесетите години поголема е шансата човек да се сретне во една константно динамична состојба во која се „брка“ со времето и никогаш не може да го стигне, а и не треба. Нема потреба да се натпреваруваш со една толку релативна појава. Кога последицата е јасна – кога целта е предодредена. Ќе стигнеш на време, ќе бидеш таму каде што треба да бидеш и тоа токму на време. Можеби затоа треба да се запрат чекорите, да не се бројат минутите. И да се направи пауза во која ќе се испушти толку лесна, одмерена воздишка која воопшто нема да ги преоптовари белите дробови.

Воздишка која ќе му пркоси на секој еден што ќе го чујам како вика дека животот е тежок. Нефорсиран инспириум кој ќе ми дозволи  да гледам едноставно. Но и да заборавам на секоја мала забелешка која ми пречи во околината. Ќе ми помогне да не ги одминувам луѓето кои сум ги узминувала гледајќи на часовникот или во книгата, брзајќи да не го пропуштам испитот кој за малку и ќе го преспиев. Забораваме на светот од товарот кој ни го отежнува патот. Ние итаме напред и се губиме во револтот од нереализираното.

Забораваме дека за секој наклон потребна е сила, а за сила треба одмор и тоа е оној посакуван одмор кој ти дава енегија за напред, а не те успорува. Човек сам се успорува земајќи преголем залак како и секогаш. Го заборава светот од тежината на грбот, а не умее да го запре времето и постојано се моли да биде измислена направа која ќе го замрзне моментот.

Времето се запира со две појави: кога тој љуби и го прави она за кое неговиот допамин е благодарен. Само така неосетно ќе стигне таму каде што потајно мечтаел да биде. И со некој од енормно големава сфера на кој не ни помислувал во сон. И кој… најверојатно – бил узминат.

Анамарија Наумовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје