Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Војникот – Виктор Кадинец

Пробуваме да бидеме мудри жртви

на нашето секојдневие.

Ние не испраќаме пораки во иднината.

Само се залажуваме дека нашиот сон

еден ден ќе биде јаве.

Чекмежето на нашите очекувања

е опколено со треперот на нашиот страв.

Што утре?

Што ако?

Што ќе речи народот?

Како да објаснам?

Страв ми е?

Секој се труди да ги постави прашањата.

Никој не се труди да оди во потрага по одговорот.

Мудри сме како жртви на туѓите убедувања

дека сè настанува од интерес.

Заборавивме да љубиме.

Поочајно е што не дозволуваме да бидеме љубени.

Нашето време го даруваме во

престилката на непокорот.

А покорени сме.

Како комплет стара војничка опрема од 1900 година,

прелетана во 2300 година.

Од духот на војникот ни остана само

Споменикот -како некогаш бевме луѓе

и знаевме да си ја сакаме грутката земја

и покрај грутката во грлото.

Како мудри жртви молчиме.

Не оти не знаеме да кажиме,

туку бидејќи не знаеме да лажиме.

Ама себеси, не можеш да се излажиш,

ниту жртва да си бидеш,

ниту мед, во осило има,

ниту збор се слуша, од затната усна.

Крикнеш ли во мисла,

ќе се чуеш самиот на себе.

А таму нема никој,

освен ти.

На кого му зборуваш?

На совеста пријателе.

Ако остана во некого нешто.

Верба не е.

Што ли е?

Мудра жртва ќе е.

А мудра ли е?

Или заборавила да биде прегрната…

како неиспратено писмо до љубената…

од војникот кој е мудра жртва

на туѓите убедувања.

Виктор Кадинец

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје