Skip to content

Куќа на брегот

Да имам куќа на брегот. Крај океанот. Да станувам рано и легнувам касно, да ги наполнам белите дробови со тој солен воздух, да ја одморам главата од сите оние кои како луди ми се судираат со енергијата. Заморно е. Заморно е веќе да се живее тука каде што најголема придобивка им е партиската книшка, каде што најголема амбиција е да се венчаш во некоја ‘позната’ фамилија. Тука, каде што нормално е да се смееш дури и кога не ти е до смеење. Да плачеш кога не ти е до плачење, да им угодуваш на сите кога никој тебе ме ти угодил.

Тука, каде што не се важи тоа што си учел, туку тоа кој те гурнал. Е затоа. Затоа сакам да имам куќа на брегот, па таму да побегнам, никого веќе да не видам и ич да не ми биде жал. Да ги гледам ѕвездите, да го будам Сонцето, да ги смирувам и нервирам брановите сини што постојано ќе ме инспирираат и потсеќаат на единственото она што навистина ми е битно. Синилото на едни сеќавања што до крајот на животот ќе ме тераат да туркам напред и никогаш да не се откажам.

Да имам куќа на брегот ќе значи дека имам стабилност, сопствени принципи, морален кодекс и место на ова парче земја што лута низ галаксијата. Да имам куќа на брегот ќе значи дека ќе имам сопствен дом. Место што на сите налик мене ќе им биде прибежиште. Да имам куќа на брегот. Само да имам куќа на брегот. Никогаш повеќе нема да ме видат.

Напишете коментар