Каква деструкција прави вирусот на учениците? – Софија Величковска

На сите ни е познато ова новодојдено проклетство, а сепак, старо и со голема тежина која ни ги уништува плеќките. Веќе долго време е присутно, а никако да се избориме со него, само нè турка и турка и нема никаков напредок. Од ден на ден сè повеќе како ги почитуваме мерките, а бројката се зголемува како кога делат чоколадо, па сите трчаме таму и не можат да нè избројат.

Има многу алармантни прашања,  но кое е најглавното? Кое е прашањето што е доста уништувачко и загрижувачко? Каква е деструкцијата што вирусот ја прави на сите нас? На учениците, на студентите? На овие генерации кои се желни за знаење. На овие генерации кои кога имаат многу за учење се муртат, но сепак, сакаат да впиваат знаење. Сакаат да учествуваат во разни натпревари, едноставно сакаат да уживаат во детството, во училишните клупи, дружења во студентските домови и така натаму…

Размена на ученици, сите тие прекрасни денови, славење на матури, одење на екскурзија. А сега што ни се случи?! Како ненормални се спремавме за екскурзија, кој со кого ќе биде в соба, кој какви пижами ќе купува, какви слатки за јадење ќе носиме, сето тоа пропадна. Еј, гимназијалка сум, пропуштив многу работи, работи и случки кои ќе ги раскажував на моите деца.

Војна со пушки и крвопролевање немаше, но невидлива војна се случи. Така полека и тивко ни ја цица крвта, не знаете колку лошо, добро можеби знаете.. Рушевина прави во секој дел од телото, во секој дел од кариерата, од секоја страна пука, во центарот пука, од секоја преспектива сме уништени, најмногу во образовната!

Што е тоа што горко нè труе?

Седиме дома и се преправаме дека е убаво тоа што дремеме како безживотни патници кои бесцелно талкаат во овој живот. Некогаш имавме строга забрана за користење мобилни на час. А сега, везден сме на компјутерите и телефоните. Стануваме од спиење, во пижами, разбушавени коси, поспани лица, ние вклучуваме камери и така воспоставуваме контакт со професорите.

Вкочанети така, поминува еден час, доаѓа друг, завршува, трет.. и сè така, секој ден, секоја недела, секој месец така. Некои не ни слушаат што се зборува, само сонливо ќе кажат добро утро и ги снемува. Не би сакале да е така, но како да се расонат, кога не ти е интересно така. Сакаат да бидат во училниците, сакаат да шепкаат со другарите на часот, интересно им беше кога професорот ги опоменуваше, сега што да ни кажат?

Ајде Софија стани од спиење, разбуди се, зборувај нешто..? Тажна вистина. Учиме, а како да не учиме. Површни стануваме, забораваме што, кога и каде треба да кажеме. Ја пишуваме домашната на компјутер, празни ни се тетратките, шарени, на едната фудбалер, на другата барбика, веќе ги немаме. Не руши сето ова. Полека, но сигурно стануваме паразити на општеството.

Ма ние одевме во училиште, се буневме, бунтовници бевме, па што ако? Барем си ги браневме правата, барем се залагавме за нешто! Сега ни тоа го нема. Нечии микрофони не работат, некои немаат ни уред со кој што ќе ги следат настаните. Каква деструкција ни прави ова на нас.

Сеедно ли им е на политичарите и повисоките органи. Епа на нас не ни е. Недостига она дебатирање на разни теми со професорите, недостига полемика која ја правевме ние учениците, недостига трчање по ходници и ученички џагор. Уништени сме како стари антички простории. Како украдено злато. Училиштето ни стана забрането јаболко.

Стоп за деструкција на нашата младост. Застани веќе, здодевно е ова. Зимата не пристигнала, а ние во зимски сон. Страшно. Да се разбудиме. Научниците велат дека најмногу 9 часа треба да се спие. Доволно беше. Самите си се трудиме да изградиме замок со знаење, како што гледам и на професорите веќе ова им стана здодевна мисија. Здодевно е да изиграваме онлајн актери во тимс-киното!

Софија Величковска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?