Кога имаш сè што ти треба

Кога имаш здравје имаш сè што ти треба,

кога ти недостига само тоа ти е потребно.

Скапо е сè што не се купува со пари,

љубовта и мирот не можат да се мерат во денари,

ниту постигнувањата се изедначуваат со освоени пехари,

тие се мерат со човечкото во нас, со немерливото на кантар.

Кога имаш здравје, ништо не ти фали

тогаш и дождот не ти пречи туку душа ти гали

благодарен си за секоја капка од небо подарена

и за мигот почувствуван во сегашност шарена

која си ја боиш со боиците на животот,

држејќи ги четките како магични стапчиња,

на платното од новиот ден испишан со треперлив ракопис.

Благодарноста е важна супермоќ

што на болен му дава семоќ

на осамен спокој во црна ноќ,

на заљубен мир во средноќ,

на лакомоста ѝ создава немоќ.

Сиромавиот е благодарен за парче ѓеврек

богатиот ако не е и кавијарот нема да му чини

оти специјалитетот од јастог ќе му се гледа поубав,

затоа што вториот може да бира, а првиот не.

Кога имаш сè што ти треба не барај повеќе

некој сонува да биде на твое место,

ако имаш вишок – подели,

ако имаш непотребно – поклони

ако имаш премногу – не ти треба сè.

Кога имаш сè што ти треба, скромноста повикај ја

со рацете на благодарност прегрни ја среќата

во себе благословот употреби го како мантра

споделувај со оној што нема, за да имаш повеќе.

Кога великодушноста извира од срцето искрено

таа крши карпи, создава нови светови,

таа ѝ пркоси на алчноста,

таа му го прави денот подобар

и на оној што ја носи ѝ подарува

и на оној што благодарно ја прима.

Кога имаш сè што ти треба не барај повеќе

во трката по уште многумина се загубиле

некаде меѓу просторот на изобилие и немаштија,

во трката по поубаво и подобро

многумина не си ја препознале убавината

што ја носат со себе и надвор од себе,

заборавајќи дека убавото не е само изглед,

заборавајќи дека да се има не е само материјално,

заборавајќи дека во потрага по повеќе

се губат само себе, но и вредните луѓе околу нив.

Кога имаш сè што ти треба – имаш доволно,

не заборавај дека некој ни доволно не може да има.

Наталија Наумовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?