Јован Јовановиќ-Змај – родоначалник на српската поезија

Јован Јовановиќ-Змај (српски: Јован Јовановић Змај; Нови Сад, 24 ноември 1833 – Сремска Каменица, 3 јуни 1904) е српски писател, преведувач, новинар, академик и лекар, еден од најпопуларните детски писатели, кој се смета за родоначалник на српската поезија.

Животопис

Змај е роден на 24 ноември 1833 г. (6 декември по грегоријанскиот календар) во Нови Сад. Гимназија учел во Халаш и Пожун (денес Братислава), а правни науки во Пешта, Прага и Виена. По студиите, тој работел како актуар (секретар) на новосадскиот магистрат. Подоцна, во Пешта завршил медицина, и како лекар работел во Футог, Панчево, Белград, Виена, Загреб. Едно време бил драматург на народниот театар во Белград, а ги уредувал сатиричните и детски весници: „Јавор“ (Нови Сад, 1862/63) „Змај“ (Нови Сад, 1864/1871), „Жижа“ (Панчево, 1871/1874), „Илустрована ратна хроника“ (Нови Сад, 1877/1878), „Стармали“ (Нови Сад, 1878/1889 и, „Невен“ (1880).

Змај бил оженет со Ружа Личанин, по чие име ја нарекол својата збирка „Трендафилчиња“ (турскиот збор „ѓул“ значи трендафил), а со која живеел среќен, мирен, идиличен брачен живот. Но, семејната среќа не траела долго: во период од десетина години му умреле жената и пет деца. Во 1872 умрела жена му.

Умрел во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.

Книжевни почетоци

Змај дебитирал со песната „Пролетно јутро“, и тоа како ученик во Пожун, во 1852 година. Песната била потпишана со псевдонимот „Осман“. Како поет, Змај се појавил во време кога српската поезија минувала низ тешка криза, и таканаречената „објективна лирика“ веќе била минато.

Ј.Ј. Змај зачекорил во српската книжевност во педесеттите години на 19 век: почнувајќи од 1852 година, тој започнал интензивно да ги објавува своите песни во списанијата „Летопис“, „Седмица“, „Фрушкогорка“ и „Невен“, најпрвин потпишувајќи се со псевдонимот Осијан.

Првите негови песни биле под видливо влијание на Бранко Радичевиќ и на поетите собрани во „Славјанка“, но неговото поетско созревање траело кратко време. Во исто време, Змај го открил богатството на народната лирска поезија, а интензивно ги читал унгарските и германските поети, особено Петефи и Хајне. Со текот на времето, тој се запознал со речиси сите тогашни европски поети и веќе кон крајот на педесеттите години на 19 век го направил преминот од почетнички поетски обиди кон посериозни уметнички творби.

Преведување и прозно дело

Во текот на педесетгодишното творештво Змај напишал голем број песни, се бавел и со преведување, а оставил и неколку прозни дела, како романтичниот расказ „Видосава Бранковиќ“ (Видосава Бранковиħ) и хумористичната игра „Крап“ (Шаран), кои не постигнале значаен успех. Неговото богато поетско дело може да се разграни на неколку тематски подрачја: како останатите романтичари, пеел за љубовта кон жената и кон татковината; својот општествен ангажман го изразил во политичко-сатиричните и во хумористичните песни; а посебен печат оставил со детските песни.

Од неговата лирска поезија, најголема вредност имаат збирките „Трендафилчиња“ од 1864 година и „Овенати трендафилчиња“ (Ђулиħи увеоци) од 1883 година, кои се сметаат за негов лирски дневник на неговата љубов, семејна среќа и трагичната животна судбина. Блискоста со народната поезија особено се чувствува во неговите збирки „Снохватице“ и „Девесиље“, создадени меѓу 1895 и 1900 година.

Патриотски песни

Посебно место во поезијата на Змај имаат неговите патриотски песни. Тој бил еден од основачите и главните луѓе на „Обединетата српска младина“ (Уједињена омладина српска), прогресивна организација чија цел била обединувањето на Србите и на Јужните Словени. Подоцна, од неа се родила Либералната народна партија (Либерална народна странка) на Светозар Милетиќ, а Змај бил нејзин верен следбеник и помагач.

Во патриотската лирика, тој ги славел српството, славното српско јунаштво и борбата за слобода, но никогаш не западнал во тесен национален шовинизам. Од овие песни особено се истакнуваат: баладата „Три ајдуци“ (Три хајдука), „Српска мајка“ и „Светли гробови“, испеена по повод смртта на Ѓура Јакшиќ.

Политичко-сатирична поезија

Политичко-сатиричната поезија на Змај била поврзана со неговиот политички ангажман околу Народната партија на Милетиќ. На пример, познати се неговите песни „Малиот Брцко“ (Мајушни Брцко), „Јутутунска јухахаха“ и „Јутутунска химна“ во кои ги критикувал апсолутистичките режими на кнезот Михаило и на кралот Милан при што, како убеден републиканец, тој ја исмеал и монархијата како државно уредување.

Во „Од песните на еден игумен“ (Из песама једног игумана), тој го исмејува општествениот паразитизам и алчноста за пари на високото свештенство, додека во „Билдунг“ и во други песни на удар ги зема негативните појави во Војводина во неговото време, како: националното отуѓување, изопаченото сфаќање на животните вредности, помодарството на малограѓаните, духовната пустош итн.

Детска поезија

Најпосле, детската поезија на Змај со право се смета за дел од српското национално богатство. Таа била производ на неговата бескрајна љубов кон децата при што тој умеел да проникне во тајните на чистата детска душа и во патеките на детската фантазија, издвојувајќи ги важните детски карактеристики и создавајќи типизирани детски ликови кои ќе останат вечни. Во тие рамки, Змаевите детски песни обработуваат најразлични теми, како: хигиенски, здравствени и други поуки, песни за работата, патриотизмот, за младоста и староста, песни за минатото, за минливоста на времето итн.

Со оглед на тоа дека останал запаметен пред се како детски поет, ви претставуваме една негова детска песничка „Последниот лешник“.

Последниот лешник

На врв дрво счучурено
тажно лице:
седи една загрижена
верверица.

Ми се чини и солзичка
ќе ѝ капне –
последниот лешник сака
да го лапне.

Доцна есен, се жолтее
лист на гранка,
плод не држи лешникова
сува дланка.

Последниот што го најде
в лисја падна.
Ни ореви веќе нема.
Есен гладна.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?