Skip to content

Задачите на Херакле (1 дел)

Дванаесетте задачи на Херакле или додекатлон се серија настани што се однесуваат на покајанието на Херакле, најголемиот од сите грчки херои, чие име подоцна било романизирано во Херкулес. Тие подоцна биле поврзани во континуирано раскажување. Воспоставувањето на определен циклус од дванаесет задачи било припишано на Грците во еден еп кој денес е изгубен, а е напишан од Пеисандер и потекнува од 600 г. п. н. е.

Објаснување

Полуден од Хера, Херакле ги убил своите шест синови. Откако оздравел, Херакле длабоко жалел за неговите дела; тој бил ослободен од кралот Теспиј, потоа патувал во Делфи за да дознае како да се покае за своите дела. Таму, пророштвото Питон го советувало да живее во Тиринс и да му служи 12 години на кралот Евристеј, извршувајќи ја која било задача со која ќе се соочи, а за возврат, ќе биде награден со бесмртност.

Херакле разочаран од советот, згрозен од помислата да му служи на човек за кој знаел дека е многу послаб од него, а сепак исплашен да му се спротивстави на својот татко Зевс, на крајот се решил да се стави на располагање на Евристеј.

Евристеј му наредил на Херакле да изврши десет задачи. Херакле го направил тоа, но Евристеј одбил да признае две од нив: чистењето на Аугиевите штали, бидејќи Херакле сакал да прифати плата за работата; и убивањето на Лернејската хидра, бидејќи Јолај, внукот на Херакле и негов колар му помогнал. Евристеј додал уште две задачи (да ги донесе Хесперидиевите златни јаболка и да го зароби Кербер), кои Херакле успешно ги извршил, со што вкупниот број на задачи бил дванаесет.

Ви ги претставуваме првоте четири и редоследно ќе ги објавиме и другите.

Првата задача: Немејскиот лав

Првата од дванаесетте задачи на Херакле, дадени од неговиот братучед, кралот Евристеј, била да го убие Немејскиот лав.

Херакле и Немејскиот лав. 520 г. – 500 г. п. н. е.

Според една верзија на митот, Немејскиот лав земал жени како заложнички во своето дувло во една пештера близу Немеја, мамејќи ги воините од градовите во близина да ги спасат дамите во неволја. Откако ќе влезел во пештерата, воинот ќе ја видел жената (обично преправајќи се дека е повредена) и ќе побрзал до неа. Кога ќе бил блиску, жената ќе се претворела во лав и ќе го убиела воинот, јадејќи ги неговите остатоци, а потоа коските му ги давала на Ад.

Херакле талкал низ областа сѐ додека не дошол до градот Клеона. Таму сретнал едно момче кое му рекло дека ако тој го убие Немејскиот лав и се врати жив за 30 дена, градот ќе му жртвува лав на Зевс, но ако не се врати за 30 дена или умре, момчето ќе се жртвува на Зевс. Друга верзија на митот тврди дека тој го сретнал Молорх, овчар чиј син бил изеден од лавот, велејќи му дека ако се врати за 30 дена, ќе му биде жртвуван овен на Зевс. Ако не се врати за 30 дена, овенот ќе му биде жртвуван на мртвиот Херакле како жртва при оплакувањето.

Додека го барал лавот, Херакле обезбедил неколку стрели за да ги искористи против него, не знаејќи дека златното крзно на лавот е непробојно; кога го нашол лавот и стрелал во него со својата стрела, тој го открил заштитното својство на крзното кога стрелата излетала безопасно од бутот на суштеството. По некое време, Херакле го натерал лавот да се врати во својата пештера.

Што се случило понатаму?

Пештерата имала два влезови, од кои еден го блокирал Херакле, а потоа тој влегол од другиот влез. Во тие темни и затворени живеалишта, Херакле го вчудовидел ѕверот со својот боздоган и користејќи ја својата неизмерна сила, го задавил до смрт. За време на борбата, лавот му гризнал еден од прстите. Откако го убил лавот, се обидел да му ја извади кожата со ножот од својот појас, но не успеал. Потоа се обидел да го наостри ножот со камен, дури се обидел и со каменот да ја извади кожата. На крајот, Атена забележувајќи ја маката на херојот, му кажала на Херакле да искористи една од канџите на лавот за да ја отстрани кожата.

Кога на 30-тиот ден се вратил носејќи ја мршата на лавот на своите рамена, кралот Евристеј бил зачуден и престрашен. Евристеј му забранил на Херакле да влегува во градот. Во иднина, плодовите на своите задачи требало да ги остава пред портите на градот. Понатаму, Евристеј му ги кажувал на Херакле задачите преку гласник, а не лично тој. Евристеј имал големо бронзено грне каде можел да се крие од Херакле ако имало таква потреба. Тогаш тој го предупредил Херакле дека задачите кои му се доделени ќе бидат сѐ потешки. Потоа тој го испратил Херакле да ја изврши следната потрага, да ја уништи Лернејската хидра.

Втората задача: Лернејската хидра

„Херакле и хидрата“, од Антонио Полајуло

Откако го убил Немејскиот лав, Евристеј го испратил Херакле да ја убие хидрата, која Хера ја одгледала за да го убие Херакле. Кога стигнал до мочуриштето близу до езерото Лерна, каде хидрата живеела, Херакле ги покрил устата и носот со платно за да се заштити од отровните гасови. Истрелал огнени стрели во дувлото на хидрата, изворот на Амимона, длабока пештера која се појавила за да ги тероризира соседните села. Тој потоа се соочил со хидрата со жетварски срп (според некои рани слики на вазни), меч или неговиот славен боздоган. Рак и Стејплс укажале дека реакцијата на хтонското суштество била ботаничка: откако ќе ги исечел сите глави, дознал дека повторно израстувале по две нови. Израз на безнадежност на таква борба за секој, но не и за херојот. Слабоста на хидрата била таа што само една од нејзините глави била бесмртна.

Деталите за борбата се опширни. Сфаќајќи дека на овој начин не може да ја порази хидрата, Херакле го повикал внук му Јолај на помош. Неговиот внук добил идеја (веројатно иснпириран од Атена) да користат запалена гламна да го изгорат отсечокот на вратот откако ќе биде исечена секоја глава. Херакле ги пресекол главите и Јолај ги изгорел отворените рани. Гледајќи дека Херакле победува во борбата, Хера испратила голем рак за да му го одвлече вниманието.

Тој го згазил со своето моќно стапало. Едната бесмртна глава на хидрата била отсечена со златен меч кој Атена му го дала. Херакле го ставил под голем камен на светиот пат меѓу Лерна и Елеј (Керењи 1959: 144). И ги потопил своите стрели во отровната крв на хидрата и така втората задача била извршена.

Другата верзија на митот

Другата верзија на митот е дека откако пресекол една глава, го потопил мечот внатре и го искористил отровот за да ја изгори секоја глава за да не порасне пак. Хера, вознемирена што Херакле го убил ѕверот кој таа го одгледала за да го убие него, го ставила во темно син лак на небото како соѕвездието Хидра. Потоа го претворила ракот во соѕвездието Рак.

Подоцна, Херакле искористил една стрела потопена во отровната крв на хидрата за да го убие кентаурот Нес; а загадената крв била намачкана на Несовата кошула, со која кентаурот ја добил својата постхумна одмазда. И Страбо и Паузаниј изјавуваат дека смрдеата од реката Анигрус во Елис, која предизвикувала сите риби во реката да не се јадат, се верувало дека е поради отровот на хидрата, измиен од стрелите што Херакле ги искористил за кентаурот.

Третата задача: Керинејската срна

Херакле и срната, Атена и Артемида гледаат. 540 г. – 530 г. п.н.е.

Евристеј и Хера биле многу лути кога дознале дека Херакле успеале да побегне од канџите на Немејскиот лав и од отровните заби на Лернејската хидра, и затоа одлучиле да смислат трета задача која ќе донесе пропаст за херојот. Третата задача не вклучувала убивање на ѕвер, бидејќи веќе се докажало дека Хекрале ќе ги убие дури и најстрашните соперници. Така Евристеј одлучлил да го натера да ја зароби Керинејската срна, бидејќи била толку брза што би наттрчала и стрела.

По почетокот на потрагата, Херакле се разбудил од сонот и можел да ја види срната од одблесокот на нејзините рогови. Херакле пеш ја бркал срната цела година низ Грција, Тракија, Истра и земјата на Хиперборејците. Во некои верзии, тој ја заробил срната додека спиела со мрежа за стапици, правејќи таа да куца. Во други верзии, тој ја сретнал Артемида во нејзиниот храм и таа му рекла да ја остави срната и да му каже на Евристеј што се случило и неговата трета задача ќе се смета за исполнета. Сепак, друга верзија тврди дека Херакле ја фатил во стапица срната со стрела меѓу предните нозе на суштеството.

Задачата за Херакле

Евристеј му ја дал оваа задача на Херакле со надеж дека ќе предизвика лутина кај Артемида кон Херакле за ова сквернавење на нејзиното свето животно. Како што се враќал со срната, Херакле ги сретнал Артемида и нејзиниот брат Аполон. Тој ја молел божицата за прошка, објаснувајќи дека тој морал да ја фати срната како дел од неговата казна, но ветил дека ќе ја врати. Артемида му простила, расипувајќи го планот на Евристеј за таа да го казни Херакле.

Кога му ја однел срната на Евристеј, му било кажано дека таа ќе стане дел од менажеријата (колекција диви животни) на кралот. Херакле знаел дека морал да ја врати срната како што ветил, па се согласил да ја предаде под услов ако Евристеј излезе и самиот ја земе од него. Кралот излегол, но во моментот кога Херакле ја пуштил срната да оди, таа истрчала кај својата господарка, а Херакле му рекол на Евристеј дека не бил доволно брз. Евристеј, вознемирен што Херакле успеал да победи уште едно суштество, му рекол да му го донесе жив страшниот Еримантски вепар.

Четвртата задача: Еримантскиот вепар

Четвртата задача на Херакле –според некои сметања, бидејќи нема единствено дефинитивно кажување- била да го зароби вепарот. На патот до таму, Херакле го посетил Фол („дивјакот“), љубезен и гостопримлив кентаур и негов стар пријател. Херакле јадел со него во неговата пештера-иако кентаурот го јадел своето месо сурово- и побарал вино. Фол имал само еден бокал со вино, подарок од Дионис за сите кентаури на планината Еримантос. Херакле го убедил да го отвори, а мирисот ги привлекол и другите кентаури. Тие не сфатиле дека виното треба да биде разредено со вода, се опиле и нападнале. Херакле стрелал во нив со своите отровни стрели, а кентаурите се повлекле до пештерата на Хирон.

Херакле му го покажува вепарот на исплашениот Евристеј. Околу 510 г. п.н.е.

Фол бил љубопитен зошто стрелите предизвикале толку многу смрт и земал една, но ја испуштил и стрелата се забодила во неговото стапало, отрувајќи го. Една верзија вели дека залутана стрела го погодила и Хирон, но Хирон бил бесмртен, иако сепак почувствувал болка. Болката на Хирон била толку голема што тој доброволно сакал да се откаже од својата бесмртност и да го заземе местото на Прометеј, кој бил закован на врвот од планината каде секој ден еден орел доаѓал и му го јадел црниот дроб, иако тој бил бесмртен титан.

Убивање со стрела

Мачителот на Прометеј, орелот, го продолжил своето измачување на Хирон, а Херакле го убил со стрела. Општоприфатено е дека приказната требало да го прикаже Херакле како примач на предадената бесмртност на Хирон. Оваа приказна противречи на фактот дека Хирон подоцна го учел Ахил. Приказната за кентаурите понекогаш се појавува во други делови на дванаесетте задачи, како и ослободувањето на Прометеј.

Херакле го посетил Хирон за да биде посоветуван како да го фати вепарот, а Хирон му кажал да го намами во дебел снег, што оваа задача ја лоцира на сред зима. Откако успешно го фатил вепарот, Херакле го врзал и го однел кај Евристеј, кој преплашен од него клекнал во својот полу-закопан склад питос, преколнувајќи го Херакле да се ослободи од ѕверот, една од омилените теми на сликарите на вазни. Херакле се обврзал да го направи тоа. Роџер Ланселин Грин во своите Приказни за грчките херои вели дека Херакле го фрлил во морето. Телото пловело до Италија, каде неговите заби биле зачувани во Храмот на Аполон во Кума. Три дена подоцна, Евристеј, сѐ уште треперејќи од страв, го испратил Херакле да ги исчисти Аугиевите штали.

Прочитајте го и митот за создавање на светот од Род.

Напишете коментар