Рацете ми се замрзнати,
очилата замаглени,
чекорите забрзани.
Декември е и сѐ што е топло спие стуткано во постела,
уште ко дете мало чекам да падне снег во нашата населба.
Ќе речат дека сум незрела, ама јас се гордеам што уште можам да сонувам,
што малку за она што ми значи зборувам,
а другото го премолчувам.
Декември е и сѐ што е светло е скриено зад планини,
уште ко дете мало чекам мајка ми елката да ја украси, па да легнам под шарените лампиони,
да сонувам за детство исполнето со дедо мразовци седнати на надуени виолетови балони.
Декември е и иако викам дека не ја сакам толку зимата,
сепак едвај чекам да подлегнам на магијата.
Декември е и уште многупати ќе замине и ќе дојде со себе носејќи нови студени поклони,
а мене не ми е ништо битно, само сите повторно да бидеме ко порано собрани.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.