Вашиот глас Есеј Литература Проза

Книгата ни ја разгорува фантазијата – Софија Величковска

Утринскава светлина навлегуваше преку завесиве. Погледнав кон полиците на кои моите книги сè уште спиеја. Посегнав по една од нив и што да видам… Купена уште пред една година, а сè уште непрочитана. Ја започнав со овој цитат: „За што служат книгите ако нè не навраќаат кон животот, ако не успеваат во тоа да не натераат да ја изгаснеме жедтта со поголема алчност?”.

Отсекогаш книгите ми биле топло прибежиште од сите неволји, сите проблеми и сите бубачки кои ми го поматуваа умот.  Во секој случај, книгата беше онаа моја љубов која не можеше на никаков злобен начин да ме изневери. Ниту пак да ме повреди. Таа беше онаа најсветлата ѕвезда која ми го разбиструваше и осветлуваше умот. Книгата е моја орхидеја која вечно ќе ја чувам, затоа што е единственото нешто кое нè прави подобри луѓе.

Понекогаш  си мислам, па си се прашувам, па самата на себе си одговарам и велам: „Зошто надворешниот свет е толку празен и беден, жеден за правење лузни на сечие срце?“. А потоа како некое дете, слатко се насмевнувам. И знам дека доволно сум богата и дека го поседувам најскапоценото нешто кое е неминливо. Книгата.  И еве дрското сонце веќе се сместило низ целата просторија, а јас сè уште потајно сонувам, раскажувам, фантазирам и филозофирам.

Ја зграпчив книгата, ги превртував  страниците, толку впечатлива миризба која ме оживуваше, миризба која како да ми ги диплеше и редеше проблемите во торба од која никогаш повеќе не би можеле да излезат. И така ви велам, среде студена зима, јас всушност открив дека во себе ја носам пролетта која со своето шаренило ми овозможува да бидам непобедлива. И достоинствено да се борам за својот аргумент кога ќе влезам во полемика со некој на којшто книгите му се само обична хартија, со која би го палеле огинот зиме.

И додека ѓаволот те носи низ своите мрачни испарувања, мене така непредвидливо секогаш ме упатува кон книгата со која ќе успеам да си го довршам фантазирањето. Книга која ќе ми дозволи да градам кули од песокта и книга која ќе ми даде патоказ кој ќе ми помогне да се справам со луѓе наречени “паметници”.  Всушност, изворот на сите мудрости во животот е книгата, запомнете го тоа.

Таа е еден многу долг тунел кој не тера да одиме сè подалеку и подалеку. Книгата е она огромно богатство кое нас, луѓето, не прави изградени личности кои нема да потклекнат на ничија провокација.  И еве, после сето ова, јас доаѓам до тоа дека таа всушност е волшебничка која ме тера горделиво да зачекорам кон патот на фантазијата. Сега слушнете ја мојата неостварено-посакувана желба! Доаѓам во светот на книгите. На секоја автобуска станица, си има полица за книги. Тука луѓето ги разгледуваат, читаат, им се восхитуваат, но на крај ги враќаат назад од каде што ги земале. Мислам дека веќе ви се допадна почетокот на приказната, па ќе продолжам.

Ова што ќе ви го кажам, не е толку страшно за нас читателите. Но за луѓето кои што не го практикуваат тоа, оваа теза е најстрашното нешто што можат да си го замислат. Па вака: Таму, во светот на книгите, има убијци на здодевноста, има убијци на лесни и евтини забави. Има убијци на злото, има и војници кои се борат за правдата и за сè она што е добро за нас. А тоа се самите книги кои се теретана за нашиот мозок.

,,Книгата е здрава храна за човекот да биде без злосторничка мана”.

Понекогаш се тешам со тоа дека судбината ни ги дели картите, па затоа многумина од луѓето не сакаат да се потрудат да влезат во магичниот свет на книгата. Но потоа разумно ќе размислам и си велам: „Но.. ние сме тие што ги играме картите!“

Сакам да ви дадам дознаење дека, целиот пекол е содржан во она: „Книгите се глупост, здодевни и непотребни”. Еве баш вака си ја уништувате фантазијата во себе. Баш вака си го таложите немирот во душата. Баш вака ја губите духовната вредност која што е највредното богатство за еден човек! Чувајте си ги фантазиите мили мои, чувајте си ги и соништата свои, не знаете во кој миг ќе ви притребаат!

Софија Величковска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје